| четврток, 6 декември 2018 |

ДПМ ќе одржи собир по повод 95-годишнината од раѓањето на Славко Јаневски

Во Друштвото на писателите на Македонија ќе се одржи собир посветен на 95-годишнината од раѓањето на големиот македонски писател Славко Јаневски. Собирот, кој е во организација на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и ДПМ ќе се одржи денеска напладне.

На средбата обраќања ќе имаат д-р Маја Јакимовска – Тошиќ, директорката на Институтот за македонска литература и д-р Веле Смилевски, претседателот на ДПМ. За книжевниот опус на Славко Јаневски ќе зборуваат д-р Наташа Аврамовска, д-р Лорета Георгиевска Јаковлева и д- р Мишел Павловски.

Славко Јаневски е еден од најмаркантните писатели во современата македонска литература, со основоположнички димензии и со високи естетски вредности. Како поет, раскажувач, романсиер и сценарист, Јаневски зад себе остави богат и разновиден опус вграден во клучните фази од развојот на македонската литература во втората половина на 20 век.

Славко Јаневски (1920 – 2000) беше еден од иницијаторите за формирање на Друштвото на писателите на Македонија и, во еден мандат, негов претседател. Беше член на Македонската академија на науките и уметностите и на Македонскиот ПЕН-центар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top