| четврток, 6 декември 2018 |

Боцевски: Со ваква опозиција власта ќе владее уште 100 години

Интервју со Ивица Боцевски, екс вицепремиер и сегашен член на ЛДП, објавено во 23-от број на неделникот „Република“ (8 февруари 2013)

Ivica-Bocevski-1

Името на политикологот Ивица Боцевски не остава рамнодушност. Потекнува од СДСМ, за потоа да работи во Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ, каде станува и вицепремиер. Краток период по оставката во која наведува лична исцрпеност, влегува во началството на ЛДП по чие што коалицирање со СДСМ, се повлекува од партиските органи. Заради неговото жестоко критизерство на актуелната опозиција во чии што редови остана, продолжуваат да се плетат прикаски кој е Ивица Боцевски.

 

„Оној кој бил од секогаш. Во Македонија е лесно да се лепат етикети и да се стигматизираат луѓето. Но, во мојот став претпочитам да се види комплексноста на еден политички ангажман на секој од нас и кои се основните црти кој што го одликуваат политичкиот ангажман. Конзистентност треба да се бара во идеите и концептите, а не во етикетите. Во тој однос, кој и како го оценува општествено- политичкиот ангажман, мојот совет е да се бега од оние кои веруваат во големи конспирации, кои го поедностават сето тоа до вулгаризирање, па наместо тоа да се разглабаат вистинските теми“.

 

Се тргнавте од органите на ЛДП, но уште сте член.Нема да ја доживее судбината на Бучковски во СДСМ?
Боцевски: Не, станува збор за 2 различни пол групации со две стории. ЛДП во делувањето и статутот јасно се почитува автономијата на секоја индивидуа, секој член е заштитена, па нема можност да за исклучување на член од партиските органи.

За разлика, СДСМ е наследник на ленинистичка партија, секое искажување на ставови надвор од „мејнстримот“ е официјален ерес. Секој со такви ставови ризикува да биде распнат на крст или да биде подложен на ритуално откажување на партијата од него. Тоа не е ништо ново за таа политичка партија. Низ тоа поминале и големи индивидуи, Милорад Ѓилас од времето на СКЈ, или Крсте Црвенковски, еден од македонските комунистички политичари со силна трага во националниот развој, па и во демократскиот развој на Македонија. Ова што сега го гледаме е гротеска во тие редови. За жал со СДСМ очигледно владее конзервативното крило кое смета дека се единствената вистина и единствената партија во Република Македонија.

Во насока на надминување на политичката ситуација, од опозицијата има најави за прифаќање на идејата за Комисија за 24 декември…
БоцевскиСакам прво да дадам оценка за предлогот на претседателот Иванов. Не се сомневам во неговите добри намери и добра волја. Проблематично е што претседател на Република Македонија предлага комисија што би била раководена од странец. Тоа е во спротивност на основите на една демократска држава. Шефот на државата е оној што треба да биде израз на националното единство и одговорна држава не смее да дозволи политичката криза да биде решавана од странци или да биде набљудувана со учество на меѓународен фактор. Тоа може да се случува во некакви протекторати, недосклепани држави, некои чудни ентитети, но сериозна држава тоа не смее да си го дозволи.

Овој проблем направен од СДСМ треба да се решава во институциите на системот и тоа е единственото место каде ќе се дојде до јасно надминување на актуелната ситуација. Значи не се сомневам во добрата волја, во добрите намери на претседателот на државата, но не гледам причина зошто да се понижува достоинството на државата заради тоа што некоја политичка партија сака на друг начин да ја води политичката борба.

За кохезивноста на опозицијата, на коалиција на СДСМ, гледаме дека тие сакаат да прикажат една коалиција „виножито“, која би имала и партии со различни тенденции, но раководењето на коалицијата е проблем на најголемата партија во коалицијата. Во разногласието не гледам нешто подлабоко, позначајно..

Времето истекува за СДСМ. Оваа недела треба да ги поднесат своите листи за советници и градоначалници, и тука гледам еден начин да се надмине кризата, овој ирационален вител во кој се фрлија себе си.

Но тие најавија дека ќе ги вратат мандатите?
БоцевскиНивно право е тоа. Законот нуди решение за тоа. Ќе ги понуди на следните на листите.

Се одговори со најава за можни дополнителни избори…
БоцевскиМислам дека насоката по која се движат некои аналитичари и теоретичари и експерти за овој дел за дополнителни избори е погрешна затоа што самата природа на пропорционални избори оневозможува дополнителни избори. Прашајте ги и математичарите, не само политиколозите такво нешто е невозможно во услови на пропорционален изборен систем. Според мене најсоодвете одговор е доколку сите ги вратат мандатите, да се замоли поднесувачот СДСМ да понуди нови ликови. Доколку не понуди, боже мој, ДПА била вон Собранието се до крајот на мандатот. Доколку тие сакат да водат политичка борба на таков начин, тоа е нивно право, но јас не гледам никаква целисходност во такво нешто. Онака како што јас ги толкувам Уставот и законите, претседателот на Собранието во ваков случај секој понеделник треба да им доставува допис дека ќе треба да ги вратат мандадите и, доколку тоа не го направат, тогаш ќе почекаме да заврши мандатот на актуелниот собраниски состав 2015 година.

Се враќа ли Боцевски во ВМРО- ДПМНЕ? Евидентни се вашите напади на опозицијата на барикадите?
БоцевскиА, кога поинаку сум гледал на нив и нивниот ангажман?

При кампањата на ЛДП во самостојниот настап. Тогаш ги напаѓавте двете страни, застанувајќи зад третата опција. Сега сте во одбрана на…
БоцевскиЗастанувам во одбрана на уставниот поредок и на македонската демократија и секогаш кога некој ќе се обидува на овој начин да ја погани, убав збор, погани, македонската демократија, системот, се разбира дека ќе застанам против таквите обиди.
Во однос на таа политичка структура не сум имал поинакви погледи. Во вашето прашање препознавам ехо на кафеанските муабети каде што членови на маркетинг тимот на СДСМ се обидуваат да го понижат и вулгаризираат секој обид да се размислува поинаку од нивната матрица.

Во мојот случај, имајќи го предвид мојот претходен ангажман во владата на Груевски, полесно го кројат карикатуралниот план за нечија деградација и омаловажување. Но, на истиот начин настапуваат и кон личности со силен интегритет, а кои што одбиваат да влезат во таа матрица на делување.

Тие веќе се интересен случај за разгледување во политичката психологија. Тие ја проектираат внатрешната состојба и свест кај другите, обвинуваат за тоталитаризам, а самите се тоталитарни, сите оние што не размислуваат како нив ги обвинуваат за тоталитаризам и што ти се не. Гледаме гротесктни ликови кои никогаш не успеале да склопат рационална реченица со логичен почеток и крај, кои што сега стануваат експерти за економија, надворешни односи…

Експерти за фашизам?
БоцевскиПа знаете што, треба да се внимава кога се излегува со оценки и со збор. Во Македонија нема фашизам. Еве видовме изминативе денови се случи една монструозна конструкција на споредување на сегашноста со 1941. Комплетен нонсенс.

Прво, тогаш во оваа земја дојдоа странски војски кои воспоставија администрација на туѓа држава. Во конкретниов случај имаме власт која на демоктратски избори го легитимира своето владеење и која утре да излезе на избори ќе ја победи оваа ваква опозиција. Токму затоа што не се внимава што се збори. Станува смешно, не треба некој да е професор по политички систем или политичка теорија за да биде јасно дека не станува збор за фашистички режим, туку за обвинувања кои што се маваат во глава на оние кои излегуваат со вакви паушални оценки.

Наместо да направат програма со која по 20 и кусур години ќе утврдат за што се залагаат, тие ја малтретираат македонската јавност. И тоа е проблематично. Ги забележувате настапите на Груевски и на ВМРО- ДПМНЕ. Во моментот кога од другата страна ќе имаат поинаква структура, поинаков ќе биде и нивниот разговор, се додека оваа структура е таму, нормално дека им е лесно да го склопат политичкиот напад.

Не постои ниту еден период од владеењето на СДСМ кој е подобро оценет од периодот на Грувски во демократските или економските процеси. Тоа биле години на сурово живеење, сиромашно живеење, економска пропаст и години на урушување на демоктатијата или продолжение на едноумието. И не може тоа да биде алтернатива на актуелната власт. Може некој што може да понуди посилен економски развој и повеќе демократија.

Ivica-Bocevski-2

Второ, историјата не се повторува, освен како гротеска. Гледаме сакаат да направат копија на борбата во Србија ’96 или ’99 против Слободан Милошевиќ и за мене тоа е… Немам соодветен збор. Апсурд, како во филм на Буњуел.

Луѓето кои беа први на линија на соработа со режимот на Милошевиќ, што шверцуваа нафта со Милошевиќ, сега ги користат методите на оние кои се бореа против него за свои лични цели. Ако мислат дека тоа ќе помине се лажат. Во првите редови гледаме луѓе за кои Милошевиќ бил доживуван како херој, веројатно и се уште е, веројатно некаде дома чуваат негова слика и сега. Убеден сум во тоа. Луѓето кои му се воодушевуваа и кои беа петта колона на Милошевиќ во Македонија сега ги користат методите на неговата опозиција.

Знаете, јас ја имав таа среќа како студент од Македонија да присуствувам на студентските протести 96/97 година во Србија, имав шанса и да зборувам, да ги поддржам. Тоа беше енергија на една земја што беше затворена и бараше приклучок кон европскиот „меинстим“. И сега знаете, актуелнава влада која овозможиле визна либерализација и пенетрација на интернет, ако ја споредиме со опозицијата во чие што време се плаќаше по 35 марки за излез од земјата и толку за враќање, а една телефонска линија чинеше 1000 марки, опозиција за која отворањето кон светот значеше само за еден непосреден семеен тесен круг, а сите останати требаше да бидат еден вид на закрепосани селани, тоа не е алтернатива. Алтернатива е некој кој може да даде многу повеќе. Ова сега не е алтернатива. Ова е враќање кон минатото.

На 16 декември во колума велите дека опозицијата сака политичка криза како единствена опција за изборен резултат, но ова е коцка која може да доведе до франгментација на СДСМ. На што мислевте со фрагментација? Со исклучување на членови од партијата?
БоцевскиНе е тоа што мислев. Главнината е пренапрегната во таа партија и тоа се забележува, иако формата на единство се уште постои, но се гледа дека тензијата расте во тој круг. И таа тензија е неодржлива. Во моментов резултанта што ги спојува сите внатрешни сили на СДСМ е Црвенковски. Но, со него партијата не успева да ја смени актуелната власт. Значи, тенденциите ќе се засилуваат. За разлика од првото владеење, ВМРО- ДПМНЕ се софистицира. Она на што се надева СДСМ е диспропорционална реакција, дека ќе бидат спречени протестите па да може да викаат до небо дека „кој знае што“ се случува во Македонија. Но такво нешто нема. Напротив. Власта ги остава да си тераат со протестите. А тоа е најдобро потсетување за граѓаните зошто не би гласале за СДСМ.

И тоа ја нараснува внатрешната пренапрегнатоста. Големи партии како СДСМ, а СДСМ владееше во континуитет цели 54 години со 3 реинкарнации, таквите партии во вакви ситуации, ако радикално да се променат , се соочуваат со фрагментација, со топење. Тоа не значи дека сите ликови кои се поврзани со СДСМ ќе ги снема. Но, партијата го исцрпува начинот на постоење.

Може ли да се очекува исклучените членови да формираат партии или да се обединат во една?
БоцевскиНе. И во иднина таму ќе има фрагментација која нема да создаде еден, туку напротив ќе создаде многу ентитети. Противречностите се големи. Тие противречности Црвенковски ги надминуваше во услови на власт или кога се очекува власта, но сега невозможно е тие да завршат во едно тело. Напротив, ќе гледаме една прилочно дифузна фрагментација, што на некој начин е и добра за демократијата во Македонија.

На Македонија и е потребна опозиција. Опозицијата е добра во демократијата. Се случува во демократиите да има доминантни партии, како во Јапонија со либералдемократите кои владееа 60 години, или социјалдемократите во Шведска. Но, тогаш се развиваат лоши навики, методи, доаѓа до ентропија на системот и до политички хаос кога партиите не се способни да го одржат легитимитетот.

Така што, на ВМРО- ДПМНЕ му е потребна опозиција. Во моментот кога ќе почне финалната игра во СДСМ, конечно ќе почне да се создава нешто ново, да речеме либерална алтернатива, на оваа, да ја наречеме конзервативна платформа која што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ.

Прашањето за нови политички ентитети, ете Бучковски има најава за партија, можно ли е создавање на нова левица?
БоцевскиТоа е едно прашање на кое никој во моментов не може да одговори, заради ситуацијата која пред малку ја опишав.

Би се приклучиле ли на Бучковски?
БоцевскиНе, јас не би му се приклучил на Бучковски. Станува збор за различни ликови, различни политички философии. Тој беше мој професор по реторика, како мој ментор го почитувам, имаме заедничко почитување и комуникацијата претпочитам да остане на тоа ниво. Му посакувам среќа во неговите политички обиди. Но, јас не се гледам во таа структура која што тој ја најавува. Исто како што не се гледам во структурите за кои што сега се зборува.

Неодминлива тема се интеграциите, а вие сте и поранешен министер. Овие 6 месеци сега се под притисок и европски иницијативи следени со интензивирање на Нимиц- процесот. Колку целиот период е нарушен за да се истрае пред лошо решение, притоа да се покаже зрелост за да се остави простор ЕУ да си ги исправи грешките и да најде начин да продолжат интеграциите паралелно со процесот околу „добрососедството“?
БоцевскиНа времето имаше една кампања во Македонија, во која се дефинираше што е државник, а што политикант. Секако дека кога размислува државник, би размислувал за актуелниот политички момент пред да преземе каков било чекор, додека политикант не би гледал од носот подалеко. Точно е дека во однесувањето СДСМ наликува како да не гледа од носот подалеку, но јас одбивам да верувам дека таква политичка структура би влегла во експерименти со стратешки прашања за државата. Мислам дека станува збор за нивни лични мотиви, ништо подлабоко.

Иако постојат напори од ЕУ, но Грција нема да отстапи, имајќи предвид дека Самарас е премиер на Грција, човек кој што верува дека Република Македонија не треба да постои. ЕУ е креативна кога треба да изнајде решение или да најде пат околу проблемот. Јасно е дека ЕУ не сака соодветно да се ангажира и ние сме препуштени на милост и немилост на Грција, што е жално. Тука не станува збор за оваа или оваа влада, секоја влада ќе се соочи со ова прашање. Прашањето за името е тест за Република Македонија за нејзината издржливост и тест за тоа колку сме сериозни за македонската државност.

Тука се прекршува, околу прашањето за името се прекршува македонската државност. Ние тука докажуваме дека си ја сакаме државата онаква каква што сме си ја дизајнирале, каква што сме си ја сонувале. И во тој контекст треба да бидеме многу упорни и да докажеме на демократска Европа дека ние сакаме подеднакви услови како што сите влегле во ЕУ, така и ние да го заокружиме нашиот пат кон Унијата. Јас не се сомневам дека Република Македонија ќе биде членка на ЕУ. Ќе биде. И тоа како Република Македонија.

Но во блиска иднина, следат избори, може ли евентуалните најави од СДСМ за пукање и други закани, да направат лоша слика која би го намалила европскиот углед на Република Македонија од аспект на интеграциите? Постои ли капацитет во СДСМ за такво нешто?
БоцевскиВо иконографијата на три генерации ликот на револуционерот е претставен со Че Гевара. Така што, луѓе кои што поголемо внимание посветуват на гардеробата отколку на тоа што читаат, повеќе внимание посветуваат на тоа како ќе се претстават во скопските кафулиња, наместо на својата изградба како политичари, не се способни за било каква револуција или герила.

Разговараше: Наум Стоилковски
Фото: Александар Ивановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top