Издавачката куќа „Готен“ организира разговорот со авторката и промоцијата на книгата „Утеха за Адамовото дрво“ од латвиската писателка Инга Жолуде. Разговорот и промоцијата ќе се одржат во рамки на фестивалот „Друга приказна“, на 8 септември, со почеток во 19 часот, во Музејот на современа уметност во Скопје.
Збирката раскази „Утеха за Адамовото дрво“ од современата латвиска писателка Инга Жолуде (1984) опфаќа различни сцени од урбаниот и руралниот живот на современата Латвија. Специфичен аспект на прозата на Жолуде е способноста да се уништи секоја граница меѓу реалноста и фикцијата, познатото и непознатото, локалното и глобалното. Понекогаш е тешко да се претпостави на кое место и во кое време се случуваат овие раскази, а понекогаш убавината на текстот се состои токму во специфичната локална боја и колорит. Овие раскази силно ја одразуваат атмосферата на Европа од почетокот на XXI век, па затоа за многу критичари книгата е една од најважните прозни дела објавени во Латвија во изминатите неколку години.
За „Утеха за Адамовото дрво“ Жолуде во 2011 година ја доби Наградата за литература на Европската Унија.
Преводот на книгата од англиски на македонски јазик е на Василка Пемова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.