| четврток, 6 декември 2018 |

Самарас и Обама ќе разговараат за спорот за името

Премиерот на Грција, Андонис Самарас, и претседателот на САД, Барак Обама, ќе разговараат и за спорот за името меѓу Македонија и Грција, пишува МИА повикувајќи се на свои дипломатски извори.

По неколку неуспешни обиди, Самарас успеа да договори средба со Обама која ќе се одржи на 8 август во Белата куќа. Според Белата куќа, двајцата функционери ќе разговараат за соработката во одбраната меѓу двете земји, Партнерството за трансатлантска трговија и инвестиции, регионалната соработка, заедничките напори во борбата против тероризмот, можностите за решавање на кипарското прашање, и за развојот на настаните во Северна Африка, и Сирија.

Грчки дипломатски извори тврдат дека на средбата сигурно ќе стане збор и за текот на преговорите што се водат со посредство на Метју Нимиц за решавање на прашањето за името на Македонија. Не случајно и провладиниот весник „Катимерини“ во текстот за средбата Самарас – Обама потсетува дека Вашингтон е подготвен да се активира за решавање на кипарскиот проблем и прашањето за името на Македонија, додека Атина и, покрај своите објективни тешкотии предизвикани од економската ситуација, е подготвена да игра улога на Блискиот Исток користејќи го новиот однос со Израел и нејзините традиционални врски со арапскиот свет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top