Последиците од масовното иселување и од се помалиот број на новородени деца стануваат видливи и оваа учебна година, која официјално започнува в понеделник.
Според неофицијалните податоци од Министерството за образование, годинава во сите општини низ државава со исклучок на Чучер Сандево, од каде што се уште не бил доставен списокот, ќе се запишат 20.251 ученик во прво одделение што е за најмалку двесте првачиња помалку од минатата година кога се запишаа точно 20.473.
Тоа се бројките кои и во оваа, нова учебна година, ја отворија старата рана. Помалиот број запишани првачиња од лани го вклучува алармот кој треба да потсети дека белата чума коси. Македонската жена раѓа едвај две деца во просек. Експертите предупредуваат – процесот што почнал со миграциите село-град мора да запре, а младите побрзо да се решаваат да склопуваат бракови… Светска банка прогнозираше со ваков тренд во 2100 година македонската нација ќе е кусок за 500 илјади луѓе.
Всушност, доколку во една паралелка има во просек околу 25 ученици, тоа значи дека годинава ќе се затворат десетина паралелки, што е состојба која е вознемирувачка бидејќи секоја година бројот на првоодделенци драстично паѓа.
Официјално, од МОН велат дека се уште немаат информации кои училишта не се подготвени за почетокот на учебната година, а во кои нема да има ниту еден ученик. Најмалку првачиња ќе има во општина Зрновци -15, а најмногу 1.126 во Куманово.
Велешките советници, пак, одлучија двете општински основни училишта „Јордан Хаџи Константинов-Џинот” и „Благој Кирков” да се спојат во еден нов правен субјект, основно училиште „Панко Брашнаров”. Градоначалникот Аце Коцевски ова спојување го објасни како реформа, чии постапки се тешки, болни и непопуларни, но неопходни и неизбежни.
Трендот на намалување на бројот на првачиња продолжува и во пелагониските општини. Во општина Новаци бројот на запишани првачиња оваа година е 17, за разлика од минатата година кога се запишале 27 првачиња. Обидувајќи се парично да им помогнат на родителите од оваа општина ќе доделуваат по 4.000 денари за секое прваче на почетокот на учебната година. Помош ќе има и за првачињата во Општина Могила, каде што општината ќе им помогне со училиштен прибор. И во оваа општина бројот на запишани првоодделенци е намален. Минатата година имало 57, а оваа година се вкупно 53 запишани првоодделенци од трите централни училишта.
Во Општина Битола, пак, годинава во прво одделение има запишано 739 на македонски и 43 ученици на албански јазик, додека минатата година во прво одделение се запишале над 1.000 првачиња. Списокот на првачиња општината го добива од МВР, а бројот на запишани првоодделенци е речиси ист како лани. Но од општината потенцираат дека моментално бројот на запишани првоодделенци од испратениот список од МВР е помал за 94 ученици, кои се од ромска националност, а припаѓаат во реонот на основното училиште „Ѓорѓи Сугарев” и кои обично се запишуваат во август и во септември.
Во општина Дебар годинава се запишани десетина првачиња повеќе, а од година во година се помал е бројот на првачиња и во општина Маврово и Ростуше. За учебната 2018/2019 година во четирите деветолетки запишани се вкупно 52 првачиња или за десетина помалку споредено со минатата учебна година. Поради непријавување на ниту едно дете подрачното училиште во селото Видуше се затвора. Во ООУ „Денче Дејаноски” во Маврови Анови запишани се три првачиња, по едно во училиштата во Маврово и Врбен на македонски и во Дуф на албански наставен јазик.
Дури три од четирите централни основни училишта во Штип бараат да им се овозможи формирање паралелки во прво одделение со помал број ученици од законски утврдениот – 24. Паралелките со првачиња би биле со 18-19 ученици. Од септември во штипските училишта ќе учат 30 првачиња помалку од лани. Во изминатите неколку години единствено ОУ „Ванчо Прке”, кое се наоѓа во централното градско подрачје, оформуваше паралелки со помал број ученици. Од септември таму ќе учат 112 првачиња во шест паралелки. Само десет првачиња се запишани во училиштето во штипско Ново Село. Првпат оваа година паралелки со помал број првачиња ќе оформи училиштете „Славејко Арсов”, кое токму поради природниот прираст во населбата Баби, каде што се наоѓа, од подрачно училиште, доби самостоен статус на централно училиште. Во ова училиште се запишани 53 првачиња, во три паралелки.
Значаен пад на запишани ученици има во подрачните училишта, особено во приградските населби. Иако е оддалечена само неколку километри од градот, во населбата Македонка, во реновираното училиште, во прво одделение ќе учат само пет ученици. Училиштето во Чардаклија ќе работи за само осум ученици од прво до петто одделение, во една комбинирана паралелка. Директорите на училиштата стравуваат дека в година ќе биде уште полошо со уписите во прво одделение.
Во изминатите две децении во Кичево се бележи континуиран пад и од година на година има се помалку новозапишани првачиња во општината.
– Во последните 15 години бројот на новозапишани првачиња континуирано е во опаѓање. Така, само во последните четири години, од 408 запишани првачиња во 2015 година, годинава во нашата општина се запишаа 340 првачиња, што значи дека за само четири години бројот на првачиња е намален за три одделенија, или номинално бележиме намалување за 68 новозапишани деца. Ако продолжи иселувањето на младите од нашата општина и во наредниот период, тогаш повеќе од сигурно за десетина години оваа бројка ќе се преполови, вели Сание Садику, раководител на секторот за образование во општината Кичево.
Додаде дека ако во градот намалувањето и не е толку изразено, во селските училишта бројот на првачиња.
Пет првоодделенци ќе тргнат во новата учебна година во основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ во село Драгоманце што е за еден повеќе во однос на минатата учебна година. Ова училиште има четири подрачни училишта во селата Пелинце и Челопек и во планинските места Жегљане и Арбанашко.
Во ресенските основни училишта во оваа учебна година се запишани вкупно 129 првачиња. Во однос на минатата година, според Ѓорѓи Ставревски, задолжен за образование во општина Ресен, има мало зголемување на запишани ученици во прво одделение.
– Последните години состојбата се одржува на едно исто ниво, со тенденција на мало зголемување на запишани првачиња во петте основни училишта на подрачјето на Општина Ресен, изјави за МИА Ставревски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.