| четврток, 6 декември 2018 |

Заев однапред ја знае и бројката за рефередумот: Точно пресметав, 903.000 граѓани ќе гласаат за промена на името

Огромен процент од граѓаните ќе се изјаснат „За“ на претстојниот референдум, и впрочем и дури и тие што се против, се со мали минорни бројки и тоа е дел од таа кампања што постои во Македонија, предводена од „Бојкотирам“, изјави премиерот Зоран Заев по формалното отворање на кампањата на ЕУ „Замисли иднина заедно!“.
Премиерот е уверен и дека бројките ќе растат, а изрази и надеж оти опозицијата ќе биде позитивна заради тоа што, посочи, и таа е за Европската унија и за НАТО.
– Ги знам и ги разбирам нивните несогласувања со договорот со Грција, но истовремено уште еднаш уверувам дека ако оставевме на времето никој не гарантира дека ќе постигневме подобар договор, а договорот е фер и праведен, рече Заев.
Потсети дека договорот ја гарантира европската иднина на земјата, го потврдува македонскиот идентитет, македонскиот јазик, химна, знаме, грб и, како што кажа, сето она што се наши атрибути како земја, како држава, како народ, сета наша мултиетничност и различност.
– Мојата амбиција не е да постигнам резултат каде што повеќе од граѓаните ќе бидат „За“. Тоа е веќе постигнато. Тоа е јасно во Македонија. Нема друга алтернатива освен полноправното членство во НАТО и ЕУ  и градење пријателство со соседите. Но, нашето лице ќе биде цензусот, односно излезноста на повеќе од  50 отсто од граѓаните од вкупниот број гласачи,  а согласно последниот избирачки список тоа се 903.000 гласови кои што треба да излезат најмалку на референдумот, за да имаме донесено одлука согласно Уставот како што е пропишано, рече Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top