Македонското друштво „Илинден“ со седиште во Тирана и огранокот за Голо Брдо преку денешното соопштение ги повикува Македонците во Република Албанија и ширум светот да се евидентираат во избирачкиот список, но да го бојкотираат претстојниот референдум распишан на 30 септември 2018 година.
– Изразуваме загриженост од претстојниот референдум во Република Македонија за промена на името на државата и идентитетот на нацијата. Со индигнација ја отфрламе Спогодбата склучена на 17 јуни 2018 година во Нивици, затоа што со неа Владата на Република Македонија се откажува од грижата за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните држави и во светот, стои во соопштението.
Исто така се наведува дека Македонците во Република Албанија отфрлаат промена на името на државата Македонија и името на македонскиот народ и тоа го сметаат за геноцид врз македонскиот народ и злосторство против човештвото.
Се посочува дека Македонците во Република Албанија и натаму ќе се борат за своите човекови права и слободи пред домашните власти и меѓународните организации, како неотуѓиво и неприкосновено право на самоопределување и самоидентификација.
– Укажуваме дека промената на името на државата ќе влијае врз идентитетот на Македонците во соседните држави на Република Македонија и целиот свет. Поради тоа ги повикуваме Македонци во Република Албанија и во светот со македонско државјанство да се евидентираат во избирачкиот список, но да го бојкотираат претстојниот референдум што ќе се одржи на 30 септември 2018 година, се наведува во соопштението потпишано од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај и претседателот на огранокот за Голо Брдо,Или Халилај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.