Точната информација за здравјето е половина здравје, вели д-р Александар Митов, магистер по јавно здравје и влијанија на животната средина врз здравјето во интервју за „Република“. Тој од септември најавува школа за здраво живеење, во која посетителите ќе добијат правилни инфорамции за тоа што значи здрав живот.
Д-р Митов магистрирал јавно здравје на кипарскиот институт на Harvard School of Public Health, а подоцна завршил и магистерски студии за политики за животна средина во Кембриџ, Велика Британија. Од 2012-та година до 2017-та е Советник за здравство на Претседателот на Владата на Република Македонија, а беше и главен стручен консултант на кампањата за здрава храна на Владата на РМ, „Здравјето е избор!“ која одлично помина во јавноста. Сите совети за здрав начин на живот ги преточи во книга која одлично поминува кај читателите. Во разговорот со „Република“ ги открива и дел од следните чекори.
Др. Митов, од септември најавивте школа за здраво живеење. Може ли да ни кажете што ќе содржи школата, кој ќе може да ја посетува…
МИТОВ: Точната информација за здравјето е половина здравје. Во време на преплавеност со неточни информации на интернет – претходново тврдење станува уште позначајно. Речиси и да нема здравствен податок за кој нема да најдете противречни искази на интернет. Сето тоа е многу збунувачко дури и за стручните лица, а камоли за општата јавност. Оттука и потекнува иницијативата за правилно информирање во оваа форма, преку оваа школа за здраво живеење. Услугите ќе бидат достапни на јавноста, на секој еден кој сака да инвестира во својата правилна здравствена едуцираност.
Поднасловот на Школата е „Лекуваме причини, не последици“. Може да ни ја одгатнете загатката?
МИТОВ: Сржта на превенцијата е да се отстранат причините за болестите. Тоа е т.н. примарна превенција. Превенцијата е и поисплатлива, и поефективна во борбата со болестите. За жал, има долга листа на болести со кои тешко можеме да излеземе на крај откако ќе се појават, но можеме да го намалиме зналително ризикот за да се развијат тие болести пред сѐ. Овде е моментот на лекување на причините, а не на последиците. Современата медицина докажала дека и до 80 отсто од кардиоваскуларните болести може да бидат спречени. Во тоа вреди да се вложиме знаејќи дека така ќе се спасат многу животи.
Со какви проблеми најчесто ви се обраќаат пациентите?
МИТОВ: Исхраната и промените во животниот стил имаат најголем ефект кај дијабетот, нарушувањата на притисокот и мастите, како и кардиоваскуларните болести. Токму тука ефектите се и најзначајни, и за среќа ова се најзастапените проблеми. Од аспект на медицината на здравиот животен стил, болестите би ги поделил во три групи: првата каде животниот стил има пресудно значење, втората група се они болести кога ефектот е делумен или индивидуален, и третата група на болести се оние кај кои, за жал, начинот на живот не може да направи значителна промена.
Дали храната може да биде и убиец и лек?
МИТОВ: Во потполна смисла на зборот – да. За жал, најзастапениот начин на самоубиство е оној преку секојдневната употреба на нездрава исхрана. Штетите се големи и поединечно, и по цели општества. Но, токму тоа што е голем проблем, истовремено е и огромна прилика. Промената на исхраната и животниот стил е можна. Со тоа на многумина може да им се помогне да го повратат своето здравје.
Дали Македонците стануваат се повеќе свесни за своето здравје, но и за улогата на храната во нивнот лекување?
МИТОВ: Од ден на ден сѐ повеќе и повеќе. Ме радува фактот што толку брзо напредува свеста за влијанието на исхраната и начинот на живот врз здравјето. Се разбира, постојат и доста проширени закоравени навики, но времето не е на нивна страна и постепено ќе доаѓа до искоренување на тие нездрави навики. Колку побрзо се менува свеста – толку побрзо ќе добиваме и поздрава нација. Не е прашање на финансии, прашање е на свест. Некои од најнездравите намирници се и најскапи, а пешачењето, толку важно за нашето здравје, е бесплатно.
Од што е составено Вашето дневно мени? Што би им препорачале на Македонците, што да јадат повеќе, а што да одбегнуваат?
МИТОВ: Мојот начин на исхрана е близок до тоа што го сметам за наша традиционална исхрана, застапена со векови наназад. Нашата традиционална кујна е блиска до медитеранската исхрана. Медитеранската исхрана, според голем број научни студии, спаѓа во најздравите начини на исхрана. Мојот општ совет кој го давам кога треба сосема накратко да го сублимирам здравото хранење гласи: што повеќе растителна исхрана, што помалку храна од животинско потекло. Ова е краткиот совет, се разбира, позади кој стои цела наука и многу детали зависно од многу параметри.
Ја почнавте кампањата за Здрава храна (Здравјето е избор!) пред неколку години која беше многу актуелна, отворивте сопствен центар за медицина на животен стил, сите ваши совети ги преточивте во книга која одлично поминува кај читателите, сега отворате Школа…Што е следно на менито на д-р Митов?
МИТОВ: Нека не звучи нескромно, но со задоволство се сеќавам на кампањата за здрава храна од 2013-тата година. Таа кампања силно придонесе да се покрене бранот на свесност за здравата храна кој до ден денес носи свои плодови и придонесува за здравјето на граѓаните. Особено сум среќен што можам и директно да работам со индивидуални промени на животниот стил и исхрана. Пред некој месец беше објавена и мојата прва книга чие прво издание беше распродадено за три недели и продолжува да се продава со несмален интензитет. За сѐнаброено сум многу благодарен. Од следните активности, би открил само една: почна да расте бројот на следбеници на мојата Фејсбук страна од околните земји. Затоа, нека не ги зачуди нашите сограѓани ако на страницата Д-р Митов започнат објави и на јазиците од соседните земји.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.