Деценија наназад интензивно се говори за здравата храна и за здравиот начин на исхрана. Доктор Александар Митов е магистер по јавно здравство, кој во интервју за „Република“ вели дека е заблуда оти здравата храна мора да значи дека е органска. Според него, не можеме да се залажуваме дека само поради тоа што не јадеме органска храна, не се храниме здраво. Најважното прашање е како да се доближиме до здрав животен стил.
Како одеднаш, во последните неколку години стана тренд постојано да се говори за здравата храна и за здравиот начин на живот? Дали тоа значи дека со годините наназад сме „собрале“ лоши навики во животот и во исхраната?
МИТОВ: Трендовите во медицината, за жал, се појавуваат циклично. Одвреме-навреме нешто станува популарно, се користи и по неколку години згаснува. Меѓутоа, времето покажало дека трендовите што се појавуваат во медицината, која јас би ја нарекол популарната медицина, на крај излегува дека не биле базирани на наука и оттука не биле точни. Можеме да претпоставуваме дали имало бизнис-интереси, дали од некои причини биле форсирани одреден тип храна или одредени диети, не навлегувам во тој дел. Најважно е дека се покажало дека не се засновани на наука. Во еден период се веруваше дека исхраната базирана на крвни групи е научна, меѓутоа денес се знае дека тоа не е така. Во моментов е многу популарно да се говори за глутенот. Од научен аспект, максимум еден отсто од светската популација може да има проблем со глутенот. Тоа го кажува статистиката и епидемиологијата. Глутенот, сам по себе, не е опасна материја. Тоа е многу природна материја што ја има во исхраната и што треба да консумира. Постојано се појавуваат и замираат разни трендови. Трендот на здрав начин на исхрана и општо, здравите навики, тука не е утната работата. Тука трендот е на вистинското место. Овојпат станува збор за тренд кој има цврста основа во науката и во научните факти. Велиме, медицина базирана на докази. Оттука и популарните трендови би требало да бидат базирани на докази. Најголемиот број од болестите што предизвикуваат смртност – кардиоваскуларните, срцевиот удар, мозочниот удар, дијабетес тип 2, карциномите, сите се поврзани со начинот на живеење. Затоа е многу важно да живееме здраво и да се храниме правилно.
Како да се доближиме до здрав животен стил?
МИТОВ: Тоа е клучното прашање. Многумина може да ја имаат вистинската информација, но да не можат да ја употребат. Пример за тоа се луѓето што пушат цигари. Сите знаат дека е тоа штетно. Но, да се има информацијата и таа да се искористи, се две различни работи. Одлуката да се промени животот, начинот на исхрана, на движење, е многу лична работа и треба да почне однатре. Во овој период правиме рекапитулација на годината што измина, потоа правиме план како ќе биде следната и едно од главните прашања е како би сакале да ја живееме следната година од аспект на здравјето, но и тие години што доаѓаат по оваа. Прашањето е дали би сакале да бидеме поздрави. Ако имаме семејство, дали би сакале да бидеме присутни додека децата, внуците растат. Тоа се тие клучни прашања од кои човек треба да почне на патот за промена на својот животен стил. Најосновното прашање дали сакам и како сакам да живеам е тоа прашање што човек ќе го понесе на патот за подобрување и промена на својот начин на живот. Можеби ова не звучи како совет од медицинско лице, но докажано е дека не е прашањето на имање на информација или на самите техники, туку прашањето е многу лично и често се сведува на односот на пациентот со лекарот. Значи, патот е однатре. Промената кон подобар животен стил води кон поставување на прашањето „што треба да направам“ и „дали сакам да сум поздрав“.
Владее мислење дека здравите навики на живот чинат и повеќе пари. Какво е вашето мислење?
МИТОВ: Тоа е голема заблуда. Три главни навики влијаат општо врз здравјето. Пушењето, физичката (не)активност и исхраната. Ако престанеме да пушиме, ќе заштедиме. Во физичката активност не трошиме пари, туку калории. Ако почнеме да се движиме повеќе, да пешачиме најмалку 15 минути дневно, ќе се направи забележителен статистички ефект врз здравјето на поединецот и додадените години во животот. Значи, пари не се трошат. Останува исхраната. Една од најскапите намирници за исхраната на човекот е месото. Во исто време, месото е најповрзаниот продукт со негативни здравствени ефекти. Оттука, логиката е едноставна. Ако го намалиме месото, го преполовиме или, пак, целосно го исфрлиме што не е проблем за нашето здравје, гледаме дека се создаваат резервни пари кои може да ги насочиме кон овошје, зеленчук и житарки. Ако ја повлечеме линијата, гледаме дека заштедуваме. Забуна кај луѓето е дека треба да се јаде органска храна, но тоа не е точно. Здрава храна не мора да значи дека е органска храна. Тоа е заблуда. Храната може да биде органска, но за жал, уште нема прецизни научни студии коишто докажуваат корист. Не можеме да се залажуваме дека само заради тоа што не јадеме органска храна, не се храниме здраво. Оттука, здравата храна може да биде и поевтина и попристапна. Во Македонија здравата храна ја има во изобилство.
Завршија Божикните пости. Под претпоставка дека освен телесно, верникот минал и низ духовен пост, како да го подготвиме телото за следниот период?
МИТОВ: Ако човек се прејадува по постот, нели се погазува смислата на постот? Треба да бидеме претпазливи. Нашето тело е навикнато на еден друг начин на исхрана. И Велигденскиот и Божикниот пост траат долго и телото е навикнато на поинаков начин на исхрана. Преодот треба да се случи постепено. И не само по пост, туку и во кој било услови, ако се прејадеме, научно е докажано дека по еден многу обилен оброк, два часа подоцна за четирипати се зголемува веројатноста од срцев удар. Крвта се згуснува, маснотиите влегуваат во неа, крвните садови може да одговорат со стеснување и човек кој веќе имал предиспозиции за срцев удар, во тој случај може да го забрза тој процес. Постот може да го искористиме да продолжиме да се храниме здраво и да ги смениме животните навики.
Здравиот начин на живот е важен како за здравите, така и за оние што се соочуваат со здравствени проблеми. Може ли храната да спречи појава на некоја болест?
МИТОВ: Многу болести се поврзани со исхраната. Оттука, подобрувањето на исхраната може да води кон намалување на голем број болести. Според СЗО до 80 отсто од срцевите болести, мозочниот удар и дијабетес тип 2, може да бидат спречени со промена на ризичните фактори. Под ризични фактори, пред сѐ, се подразбира исхрана и физичка активност. Ако се смени начинот на живот, случаите на малигни болести се спречуваат до 40 отсто. Огромен е потенцијалот на подобрување на животот, на намалување на болестите. Но, ова се однесува само на превенцијата. Втората димензија е исхраната како прва линија на терапија, бидејќи кај многу болести е докажано дека ако се промени исхраната, се подобрува исходот од лекувањето. Значи, покрај конвенционалната терапија која пациентите треба да ја примаат, се вели дека прва линија на терапија е да се смени исхраната. Тогаш му се дава шанса на организмот да го забрза процесот на излекување.
Можно ли е да постои поврзаност меѓу начинот на живот и појавата на каков било канцер во организмот? Што вели науката?
МИТОВ: Пред повеќе од еден месец во јавноста излезе податокот што го објави СЗО, дека процесираното или обработено месо ја зголемуваат веројатноста за развој на рак на дебелото црево и на панкреасот. Се гради цврста научна база која го поврзува месото со појавата на канцер. Или, пак, случајот со рак на дојка. Во јавноста важи ставот дека овој рак е генетски поврзан, но епидемиолошки, податоците велат друго. Од пет до десет проценти од случаите на заболени од рак на дојка се од таканаречени генетски причини. Деведесет до 95 проценти се должат на останатите ризичните фактори. Еден дел од нив се здравиот начин на исхрана и физичката активност. Лани, Меѓународната агенција за истражување на канцер првпат излезе со препораки за пациентки кои имаат веќе дијагностициран рак на дојка, за тоа што треба да направат во исхраната за да го продолжат животниот век. Една од нив беше да се намали телесната тежина, да се зголеми физичката активност секој ден, да се зголеми количеството на растителни влакна во секојдневната исхрана и да се намалат заситените масти, односно да се исфрли месото од исхраната.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)