Владата нема јавно да коментира или шпекулира за детали и аспекти на процесот за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение околу отвореното прашање со Грција кој се води под покровителство на Обединетите Нации – велат од Владата со објаснување дека тоа го прават согласно принципите и јавно искажаните ставови, и со цел да не се наруши процесот и да не се влијае на позициите во разговорите.
Оттаму потенцираат дека Грција сѐ уште се нема произнесено по идеите на медијаторот:
-Имајќи ја предвид негативната кампања која што се јави во Грција непосредно по презентацијата на последните идеи на Нимиц, цениме дека нема потреба од јавна дискусија по идеите. Доколку има позитивен одговор од грчка страна, Владата ќе ја информира целата јавност, како и сите општествени фактори за идеите и ќе се обиде низ еден консензус да продолжи во дискусијата за предлогот. Конечниот збор за секоја идеја, предлог, решение ќе го имаат граѓаните на референдум и тоа во никој случај нема да зависи исклучиво од волјата на поединци, политичари или политички партии. Ние сме посветени на процесот и се залагаме за негово динамизирање и интензивирање на највисоко ниво со цел надминување на препреките и предизвиците и сме во очекување на одговор од грчка страна до медијаторот, амбасадорот Нимиц, како и до нас, во врска со нашите конструктивни и продуктивни иницијативи – додаваат од Владата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.