Голманот на Динамо Минск, Раде Мијатовиќ, е на прагот да го засили тимот на македонскиот првак Вардар. Искусниот 32-годишен голман е во преговори со „црвено-црните“, а зад себе има богата кариера, и настапи во сите поквалитетни српски клубови, како и во неколку шпански прволигаши. Мијатовиќ минатата сезона ја мина во Динамо Минск и му истече договорот, што го прави слободен играч.
Вардар беше сериозно заинтересиран за да го ангажира Дарко Станиќ, од редовите на лутиот ривал Металург, но отштетата од над 200 илјади евра што ја бара тимот од Автокоманда, засега е превисока пречка за трансфер на Станиќ во „црвено-црниот“ табор.
Поради ова „вардарци“ вниманието го насочија кон останатите квалитетни голмани што се достапни на пазарот. На врвот на листата со желби се наоѓа токму Мијатовиќ. Црногорецот би дошол во таборот на македонскиот првак на барање на тренерот Зоран Кастратовиќ, кој има одлична соработка со овој голман при работата во црногорскиот национален тим.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


