| четврток, 6 декември 2018 |

Градоначалникот на Ново Село ми е добар пријател

„Не е тајна дека градоначалникот на Ново Село ми е добар пријател, а премиерската функција има моќ и влијание, но ако сега попуштиме, каде ќе го почитуваме законот“, рече премиерот Зоран Заев. одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието. Претходно, тој напомена дека неговиот адвокат Ване Андреев го застапувал и градоначалникот Боро Стојчев, но оти адвокатот е приватен, не е вработен на државна или партиска функција и оти може да биде најмен од секого.

Стојчев беше осуден на 1 година и шест месеци затвор за кривично дело „обид за пренесување на непријавена стока“, а неговиот син и внук на по една година затвор. Единствено сопругата на градоначалникот е осудена на условна казна, бидејќи имала здравствени проблеми. Основното јавно обвинителство го изменило обвинението и на осомничените не им се судеше за занимавање со криумчарење, туку за кривично дело обид за пренесување непријавена стока. Сите обвинети го признале кривичното дело заради што имаат право на жалба до апелација во Штип единствено за висината на казните. Според пресудата, се укинува и мерката притвор за што обвинтелството има право на жалба.

Градоначалникот на Ново Село и членови на неговото семејство беа фатени два километри пред македонско – бугарската граница како во две теренски возила превезуваат 33 илјади кутии цигари од марката „Калипсо“ во вредност од над три милиони денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top