
Кастинвест се откажува од грантот од Фондот за иновации. Тие преку соопштение информираа дека донеле одлука да се откажат од грантот за мали и средни претпријатија со брз пораст (газели), добиен од страна на Фондот за иновации.
-Сакаме јасно да кажеме дека немаме добиено средства од Фондот за иновации. Истите беа условени со инвестиција од наша страна, како компанија, од околу 330.000 евра кои требаше да се вложат во рок од една година, а средствата од Фондот требаше да дојдат по фази на реализација. Сакаме да потенцираме дека како компанија ги задоволуваме сите услови за добивање на грантот, а во сопственичката структура на компанијата фигурира Брако како ко-сопственик, а не Кочо Анѓушев како поединец. Тоа е јасно прикажано во документи при поднесување на апликација за доделување на грант за компании со брз пораст (газели). Последниве денови бевме на удар на јавноста, бевме повикувани како компанија во негативен контекст, изнесени беа низа невистини за „легнати пари на сметка”, а без притоа да се презентира целосно сликата за побараната помош и за инвестициите кои ги имаме во моментов. Секој бизнис има право да се развива согласно истите услови за сите, услови кои очигледно не важат за нас. Ова не става во многу неповолна положба и во поглед на конкуренцијата и во поглед на понатамошниот развој. Поради потребата да се задржи репутацијата на компанијата која непотребно беше на удар на јавноста и покрај одличниот проект со кој се отвораат нови работни места и се внесуваат нови технологии, донесовме одлука да се откажеме од целиот процес – се вели во соопштението.
Во него тие појаснуваат зошто им биле потребни инвестиции во Кастинвест.
-Компанијата го откупи целиот движен и недвижен имот на поранешна МЗТ Леарница – стечај. За таа цел се вложени околу 5 милиони евра, како и дополнителни еден милион за рестартирање на производството и набавка на опрема. Во моментов Кастинвест има околу 100 вработени со план бројот на вработени двојно да се зголеми, имајќи го предвид производствениот капацитет на леарницата и плановите за развој. Производната програма се однесува на производи за водоводна и канализациска арматура и одлеаноци за машинска индустрија, што се производи за кои има пазарна побарувачка во регионот и пошироко. Партнерството со Брако пак е последица на комплементарноста во производството на двата капацитети. Во Брако најдовме партнер којшто има искуство во извоз и секако развиена логистика за производство.
Планот за следните пет години е леарницата да го зголеми асортиманот и да ги прошири производните капацитети. Поради тоа и аплициравме за грант во Фондот за иновации. Вкупната инвестицијата на проектот е 500.000 евра и е наменета за купување нови CNC машини, машини за брусење, мерна опрема, опрема за бојадисување, стекнување на меѓународни сертификати потребни за странските пазари и сертификати и опрема за исполнување на еко стандардите. Со инвестицијата е планирано двојно зголемување на бројот на вработени. Планираме 80% од производството да биде наменето за извоз- се додава во соопштението.
Следните денови ќе се состане Одборот на содружници на Кастинвест и ќе донесе одлука за своите понатамошни чекори.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал претходно информираше дека оформи предмет по допрен глас по објавите во медиумите за евентуални злоупотреби при доделување грантови по јавен повик од Фондот за иновации и технолошки развој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


