Преку обуки и серија активности, Сојузот на стопански комори на Македонија ќе ги информира компаниите за средствата кои им се достапни преку Фондот за иновации и технолошки развој, за развивање иновативен производ, како и за старт ап и спин оф фирми.
На компаниите преку Фондот за иновации им се достапни два вида грантови од кои едниот е од 30.000 евра за новоосновани старт ап и спин оф трговски друштва за развивање на иновативен производ и грант од 100.000 евра за комерцијализација на иновации.
-Така, планирани се обуки за компании, а со цел поголема искористеност на средства во април е предвидено и понапредно ниво за да им се посочи на апликантите каде се фокусираат во насока на добивање на средствата. Од нашето искуство, финансиската поддршка за компаниите била клучна за нивниот бизнис, за развивање иновативен производ, како и за пробивање на странските пазари. Развиените економии се потпираат врз силни иновативни компании, така се поттикнува развојот на општеството и секако се отвораат нови работни места – изјави Митко Алексов, извршен директор на ССК.
Јасмина Поповска, директорка на Фондот за иновации информираше дека четвртиот повик е отворен и ќе трае до 3 мај, а ваквите обуки се со цел да се информираат подобро компаниите како да ја пополнат апликацијата, што треба да поседуваат и што е потребно за да добијат грант.
-Фондот интензивно работи со корисниците и за време на имплементација на средствата, зашто не е лесно откако ќе ја добијат идејата да се преточи во готов производ и да се најдат потенцијалните купувачи. Првиот инструмент е наменет за финансирање новоосновани микро, мали и средни претпријатија со висок потенцијал за раст, а со цел развивање иновативни решенија и пренесување на резултати од научните истражувања во комерцијални активности преку „спин-оф“ претпријатијата. Се кофинансираат најмногу до 85% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 30 илјади евра. Услов е фирмата да не е постара од шест години и да е во доминантна сопственост на македонски државјани. Поддршката преку овој инструмент ќе им биде доделена на проекти кои имаат најмалку „потврден концепт“ (proof of concept) и јасна комерцијална амбиција. Инструментот поддржува проекти кои се во фаза на потврден концепт до преткомерцијална (претпазарна) фаза – изјави Поповска.
Поповска истакна дека на четвртиот повик кој трае 90 дена очекуваат повеќе апликации за разлика од третиот повик каде што беа предвидени грантови за 15 иновативни проекти, а поддршка добија само четири компании.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.