М-р Синиша Ивановски
Загадувањето на воздухот е глобален проблем. Напредните држави превземаат конкретни мерки. Во Македонија само ветуваме на избори. И тоа многу.
СДСМ формираша Влада и ги доби сите најголеми општини во Македонија. Помина една година од изборот на новата Влада и 8 месеци од изборот на новите градоначалници.
Резултат: нема. Стратегија: нема.
Ќе дојде и следна зима и повторно ќе сме светски рекордери во загаденост. Конкруенција во загаденост ни се силно развиени индустриски и економски центри. Барем тоа да бевме.
Одговорноста за енормната загаденост е пред се на Владата и на градоначалниците на локалната самоуправа. Сметам дека не треба да се посочува со прст кон опозицијата со прашањето “што правевте вие 10 години” туку да се потсетат на ветеното во нивната изборна програма. Затоа ја бараа поддршката од граѓаните, за да бидат подобри од претходниците, за подобро да се справат со проблемите.
Во оваа колумна ќе дадам свој придонес со два предлога меѓусебно поврзани.
1: Нов алтернативен превоз.
Мораме да престанеме да влегуваме во автомобил за релации пократки од 10 километри. МОРАМЕ. Во светот почнува нов тренд и СЕГА НИ Е ШАНСАТА да се фатиме на модерниот бран.
Покрај јавниот превоз, велосипедите се основно средство за превоз во некои светски метрополи но се почесто се забележуваат електричните велосипеди и тротинети. Алудирам сите да користиме велосипед заради бенефитот од физичка активност, но не е секој секогаш расположен и спремен за физичка активност. Сега постои алтернатива. Електричните тротинети и велосипеди се новина во транспортот и веќе во сите големи светски метрополи се почесто можат да се сретнат по улиците.
Транспортот со нив е бесплатен, побрз отколку со автомобил низ градски метеж, и е еколошки. Цената им е мошне разумна. А во време на многу скап бензин и нафта инвестицијата во алтернативен транспорт и тоа како брзо се враќа назад.
Според моите истражувања сите електрични тротинети се барем 3 пати побрзи од нормално пешачење, батеријата трае најмалку 15- 20 км а се полни во домашни услови, во просек по 3 часа. Велосипедите при самото возење ја дополнуваат батеријата така што нивната батерија со сигурност е подолготрајна а достигнуваат и поголема брзина на движење.
Ова веќе е реалност и се случува во сите поголеми светски центри и силно сметам дека Македонија треба да го фати истиот терк.
2: Инфраструктура за нов алтернативен превоз
Ништо од погоре споменатово не би било возможно без соодветна инфраструктура.
Во 2015 година градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски започна одличен проект кој го нарече Скопје Велоград. До завршување на неговиот мандат се изгради половина од предвиденото во прва фаза. Се поврза Аеродром со Центар, Kарпош и Ѓорче Петров. На сите реконструирани и новоизградени булевари се предвидоа велосипедски патеки. Тоа е одличен почеток но дефинитивно не е доволно, мора да се продолжи, со уште поголемо и посилно темпо.
Ќе ја поздравам изградбата на Петре Шилегов на вело патеки на булевар 8ми Септември и на 2ра Македонска бригада но и во двата случаи тие беа проектирани од неговиот претходник. Сеуште се чека град Скопје да започне со проектирање и изградба на вело патеки и истите да се заштитат од неправилно паркирани автомобили. Поминаа 8 месеци од назначувањето на локалната самоуправа во цела Македонија и до сега според предизборните ветувања требаше многу повеќе да видиме на терен.
Поедноставна и побрза опција која ја воведе претходниот градоначалник на Скопје е предвидувањето на велосипедска патека на самиот коловоз. Таков пример има на булевар Климент Охридски во центарот на Скопје и во центарот Охрид и ќе се сложиме дека е функционален.
Опции за да доживееме напредок во еко превозот има, само треба одговорните за тоа да се фатат за работа.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.