| четврток, 6 декември 2018 |

Завршна изложба на првата македонско-грчка ликовна колонија „Културен мост“

Со изложувањето на новосоздадените дела на ликовната колонија „Културен мост“, која со својот работен дел се одржуваше од 30 јуни до 5. јули во Струга, а изложбата на делата беше поставена од 6. до 9. јули во објектот Чифте амам при Националната галерија на Македонија во Скопје, заврши годинашното издание на проектот „Културен мост“.

На отворањето на изложбата во Чифте амам присуствуваа претставници од Канцеларијата за врски на Република Грција во Скопје и претставници од Владата на Република Македонија, уметниците-учесници во колонијата, нивни гости и пријатели, како и ликовна публика од Скопје.

Националниот координатор за развој на културата и меѓуресорската соработка и поранешен министер за култура во Владата на РМ, Роберт Алаѓозовски, на отворањето на изложбата истакна дека „Културен мост е проект на соработка меѓу македонски и грчки уметници со интензивна интелектуална и креативна размена, дружење, емоција“.

Тој додаде дека е среќен што проектот успеа да ги надмине бирократските лавиринти и што се случи „сега“ и „тука“, креирајќи многу ангажирани дела, а неколку и антологиски и историски.

Во организација на Здружението на граѓани „Концепт“ од Скопје на ликовната колонија учествуваа грчките уметници Ангелос Скуртис, Антигони Каввата, Ели Гравалу, Корнилиос Граменос, Марк Хаѕипатерас и Харалабос Кацацидис. Уметници од Македонија кои создадоа дела на колонијата беа Мирослав Масин, Сергеј Андреевски, Шќипе Мехмети, Исмет Рамиќевиќ, Натали Николовска, како и младите уметнички Ремзие Лога, Јана Трбогазова и Илирина Клица. Во четири работни дена на колонијата беа создадени 18 нови дела. На изложбата во Скопје дел од грчките уметници се претставија и со дела подготвени во нивните претходни уметнички циклуси. Во сеќавање на Мирослав Стојановиќ-Шуки (1963-2018) беа изложени три негови дела.

Во рамките на колонијата на летната сцена во Домот на културата „Браќа Миладиновци“ во Струга, на 4. јули, истакнатиот македонски уметник Исмет Рамиќевиќ го изведе перформансот насловен „Змија“.

Целта на одржувањето на ликовната колонија е развивање и продлабочување на културната соработка и пријателство меѓу Македонија и Грција.

„Со проектот ’Културен мост‘ Здружението на граѓани ’Концепт‘ од Скопје даде свој придонес во заложбите за добрососедство, пријателство, соработка и комуникација меѓу уметниците на двете држави, со што истовремено се развиваат и продлабочуваат и културните односи меѓу Република Македонија и Република Грција“, рече Јасмина Кантарџиева Димков, проект-менаџер на проектот „Културен мост“, на отворањето на изложбата во Скопје.

Грчкиот уметник Корнилиос Граменос истакна дека „уметноста никогаш не успеала да реши ниту еден од светските проблеми, ниту ги решила проблемите поврзани со човештвото, но тоа што уметноста го прави е да анализира и навлегува длабоко во суштината на проблемите и на тој начин да предложи решение за проблемите. Во таа смисла овој проект не ги реши светските проблеми, но изгради пријателски односи и комуникација меѓу 12-те уметници – учесници на ликовната колонија“.

Еден од иницијаторите на проектот „Културен мост“, грчкиот фотограф Александрос Стаматиу, објасни дека идејата за колонијата постоела повеќе години и дека е многу среќен што конечно истата се реализира со спојување на уметниците од двете држави. Во раѓањето на идејата учествувал и сликарот Мирослав Стојановиќ-Шуки (1963-2018), и затоа во дел од изложбениот простор во галеријата беа поставени и негови дела.

Ликовната колонија „Културен мост“ е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.

Проектот се реализираше во соработка со Националната галерија на Македонија во Скопје и Домот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Медиумски покровител е порталот Плус Инфо, додека со спонзорство учествуваше винаријата „Тиквеш“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top