Дали државата анализира можности за пензионирање со собирање на годините на работен стаж и возраст? Ова прашање во јавноста сѐ повеќе се поставува во последните две недели, а вработените во јавната администрација, како и во стопанството, веќе почнале да прават калкулации дали и колку од нив го исполнуваат овој, како што се зборува, привремен услов за пензионирање. Како што пишуваат дел од печатените медиуми, во пензија жените би можеле да заминат ако вкупниот број години на стаж и возраст поминува 80 години, а за мажите над 90 години.
Тоа значи дека со новите услови би се опфатиле лицата со над 50-годишна возраст. Така ако жена има 53 години и 28 години стаж, би можела да се пензионира. Или за маж ако има 60 години и 35 години работен стаж, и тој ќе може да замине во пензија без да чека да наврши 64 години возраст, услов кој сега е единствен за пензионирање. Уште се зборува дека оваа мерка ќе биде со краткотрајна важност од еден до три месеци, и според неофицијални извори би можела да стартува од септември годинава.
Истите извори велат дека информациите почнале да се шират откако високи владини експерти почнале да прават анализи колку вработени со овие услови би се пензионирале и колку тоа би го чинело државниот буџет. Првичните процени се дека со комбинираните услови во пензија би можеле да заминат над 20.000 лица. Се смета дека оваа мерка е наменета, пред сѐ, за стечајците, како и за јавната администрација.
Од Владата и од Министерството за труд и социјална политика, пак, засега тврдат дека нема никакви измени или предлози за нови услови за пензионирање, ниту, пак, се прават некакви анализи за да се иницира предлог за комбинирани услови за пензија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.