Зоран Заев повторно го потценува македонскиот народ. Наместо да излезе на Македонската телевизија и да ги соопшти прашањата излегува на грчката национална телевизија. Покрај тоа прашањата кои се предвидуваат да бидат предмет на референдумот се класична манипулација. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски е дека не треба да се меша ЕУ и НАТО определбата и обезличувањето.
Грчките граѓани имаа ексклузивитет и први ги дознаа прашањата за референдумот кој премиерот Зоран Заев најавува дека ќе се одржи наесен, а се однесува на договорот со Грција со кој е договорена промена на уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија.
Во интервју за грчката национална телевизија ЕРТ 1, Заев открива како би гласело референдумското прашање.
-Народот убеден сум дека ќе биде „ЗА“ договорот со Грција заради тоа што прашањето веројатно ќе биде „Дали сте за Европската Унија и за НАТО и за поддршка на договорот со Грција?“. Веројатно во тој правец ќе биде заради тоа што едно со друго кај нас е поврзано и од таков аспект граѓаните кога ќе го дадат својот глас, политичарите, владата, парламентот, претседателот на државата сме должни да го почитуваме. Или можеби прашањето ќе биде „Дали сте за Европската унија и НАТО поддржувајќи го името Република Северна Македонија?“, заради тоа што тоа е договорот. Верувам дека граѓаните ќе бидат целосно позитивни, изјави Заев во интервју за грчката телевизија.
Заев истакна дека три датуми се во игра за референдумот во Македонија – 23 септември, 30 септември или 7 октомври.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.