Нормален референдум, онаков каков што би требало да има, на којшто граѓаните треба да се искажат по однос на своето мислење за промената на името на Република Македонија, нема да има, изјави потпретседателот на ВМРО–ДПМНЕ Александар Николоски во вечерашната емисија „60 минути“ на „Алфа“ телевизија.
- Или воопшто нема да има референдум или ќе има референдум којшто ќе е изманипулиран. Велам дека нема да има референдум од неколку причини. Прво Заев на ниеден начин не створи атмосфера за успешен референдум. Иако вчера најави дека ќе има, ќе видиме. Најавуваше и дека нема да има промена на Уставот на Македонија. Второ, заедно со Димитров потпишаа исклучително лош, да не речам, катастрофален договор со Грција. Јас кажав, да не преговарале, веројатно ќе добиеја подобар одговор. Третата работа, ако внимателно се чита договорот, особено членот 1.11, таму има една вешто изработена формулација, која што очигледно ја работеле врвни експерти по меѓународно право, која што вели дека договорот стапува во сила по ратификацијата во Собранието на втората страна, како што за жал официјално сме наречени во тој договор, или по одржан референдум доколку втората страна одлучи да го одржи – вели Николоски додавајќи дека токму тоа зборче „или“ значи дека државата не е обврзана да направи референдум.
Според Ниоловски, во овој договор има доволно правен простор да не се одржи референдум, а договорот сепак да помине.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.