| четврток, 6 декември 2018 |

Што со споменикот на АСНОМ и самиот АСНОМ?

 Предраг Димитровски

Споменикот „Воинот на коњ” или популарниот „Аце” ќе преживее. Ќе преживее и споменикот на татко му Филип. Набрзина ќе бидат легализирани и, согласно договорот со Грција, ќе добијат по една плочка дека претставуваат дел од античката хеленска култура. Засега е само нејасно на кој јазик ќе биде напишан текстот на нив и кое име ќе се користи за „Воинот” -дали Александар Велики или Александар Македонски. За Филип е јасно како ќе се вика, иако Грците немаат баш големо мислење за него.

За споменикот на Цар Самоил веќе се пројавија желби. Исто како и за веќе урнатиот споменик на Ќосето. Овојга го побара општина Сопиште, а за првиот мерак има општина Охрид. Значи, ќе треба малку да се почека дали желбите на општинарите ќе бидат исполнети. Судбината на останатите споменици веројатно ќе зависи од преговорите на комисиите за препрочитување на историјата формирани и со Грција и со Бугарија. Добронамерните решението можат да го претпостават уште од сега. Плочки за сите. Де грчки, де бугарски. Којзнае, може по извесно време ќе има плочки и за спомениците, што се однесуваат и на Албанците, кои биле дел од македонската досегашна историја. Ќе видиме дали ќе остане нешто македонско. За злонамерните, пак, решението е едноставно. Талибански-уривај!

По клучните договори за „добрососедство од светот на бајките” со Бугарија и Грција, чудно, но засега никој не го поставува прашањето за АСНОМ и споменикот посветен на него. По промената на името, ова „народното ослободување на Македонија” веќе ќе нема никакво значење. Зашто, не верувам дека некој ќе се осмели да предложи, а камо ли да реализира фалсификување и издавање на нови документи на кои ќе стои „народното ослободување на Северна Македонија”! Не мора да има Република. Или, може и тоа да се додаде?! Конечно, АСНОМ може и воопшто да не се случиил! Тоа било чисто фатаморгана на една генерација, која копнеела по сопствена држава и си зела за слобода, види мајката, да се именува како Македонци! Слепци! Племе нецивилизирано, што би рекле некои горди, чесни и цивилизирани новокомпонирани северномакедонци.

Што се однесува, пак, до споменикот, за него, барем досега, никој не пројавил желба. А, богами и за Пелинце. Него, пак, бадијала го градевме и трошевме народни пари. Заборавив, колку беше неговата цена? Што лесно ќе беше да останеше она Република Илинденска Македонија. Ем Илинден 1903, ем Илинден 1944, две празнувања одеднаш. Ќе излезат делегации на организации од сите сфери на општественото битисување и ќе постават венци во знак на почит кон сите иние, кои ги положиле своите животи за формирањето на државата. Ама сега се поставува прашањето на која држава? На Република Северна Македонија? Сигурно не. Белким нема да ставаме плочка и на овој споменик со додавка АСНОСРМ? Или сме способни и тоа да го направиме? Не се знае, ќе видиме. А, ако, пак, не постои вториот Илинден, зошто ти е воопшто и споменик за него? Ај можеби ќе се најде некој кому ќе му значи нешто и ќе го побара. За во двор. Сериозно, годинава ќе се прославуваат двата Илиндена или само едниот, или ни двата? Циркузи живи ќе биде ако се слават. Тешко на оние политичари, чиј ред е да говорат на Мечкин Камен и на Пелинце. Којзнае какви се глупости ќе им напишат, а тие ќе треба да читаат. Налет на неработниот ден како државен празник. Та бил, та не бил.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top