По повод денешниот Меѓународен ден на бакнежите, невладините организации Арт лајф, СУНА и Банка за храна преку заедничка иницијатива ги потсетуваат граѓаните да не забораваат дека човечката топлина се пренесува преку убавиот збор, насмевката, бакнежот и прегратката.
„Идејата за прославување на овој ден произлезе од фактот дека многу луѓе имаат заборавено за чувството на припадност и топлина кои произлегуваат од бакнежот, прегратката, насмевката, а се сосема спротивни од сегашниот начин на комуникација каде бакнежите и насмевките се испраќаат преку телефон и смарт апликации, компјутери или се остваат на социјални мрежи. Прегратката, бакнежот, насмевката,претставуваат израз на психо-социјално здраво битие кое знае да се изрази на вистински начин и воспостави релација со светот, наместо да комуницира преку социјални мрежи или телефони. Потсетете се дека со едноставен бакнеж, можете да изразите: внимание, почит, поздрав, љубов, пријателство, добра среќа или добар пат“, соопштуваат невладините организации.
Како што велат, целта им е луѓето да станат свесни дека може да се намали стресот и насилството во општеството, преку будење на позитивните вредности (среќа, радост, внатрешен мир, чувство на припадност и поврзаност со луѓето, физичко и ментално здравје) во сите сегменти и димензии во животот и овој ден асоцира токму на овие вредности.
„Затоа ги повикуваме сите граѓани независно од возраста, социјалниот статус или професијата, да започнат да комуницираат со вистински личности со цел да добијат и дадат вистинска човечка топлина која се разменува преку убавиот збор, насмевката, бакнежот и прегратка.
Токму на овој ден бидете во друштво со најблиските, со пријателите, кажете им убав збор, прегрнете го оној на кој му треба утеха, подарете искрена насмевка бидејќи насмевката е бесплатна, подарете љубов, бидејќи љубовта го движи светот”, стои во нивното соопштение.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



