Бројот на заболени од астма во Македонија изнесува 80.000 до 100.000. Новите пациенти се се побројни, а бројни се алергените, аерозагадувањето, азотниот и сулфурниот диоксид…
Ова денеска го истакна директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија, Бисерка Јовковска Ќаева на прес-конференција по повод 2 мај, Светски ден за борба против астмата, кој се одбележува под мотото „Подобар воздух за подобро дишење“.
Таа посочи дека во 2014 година бројот на заболени од астма изнесувал 3.900, во 2015 година – 4.200, а годинава до денеска има 1.521 заболен.
– Бројот на амбулантски прегледи е зголемен, меѓутоа бројот хоспиталните болни во изминатите пет шест години стагнира. Терапијата која нашите болни ја примаат, а се користи и во развиените земји, вродува со плод. Ако пациентите ја користат терапијата редовно, тогаш тие може да имаат нормален квалитетен живот – рече Јовковска Ќаева.
Појасни дека повеќе од десеттина години откако се користи оваа најсовремена инхалаторна терапија немаат видено статус астматикус, што е најтешка клиничка слика на болните со астма кои во минатото умирале.
– Астмата е хронично респираторно заболување кое се карактеризира не секогаш со вообичаена слика на сува кашлица, свирење во градите, отежнато дишење, диспнеа…Астмата има многу симптоми кои се совпаѓаат со оние на други болести и е потребно подолго време за да можеме да ја издефинираме вистинската клиничка слика, додаде Јовковска Ќаева.
Проф. д-р Горица Брешковска рече дека целта на терапијата за астма е да се постигне контрола на болеста и затоа пацентите треба да избегнуваат контакт со алергенот, а кога не е можно, тие треба да се обидат да ја намалат експозицијата кон прашина, полен и други алергени. Терапијата која ја даваме, посочи, е современа, а пациентите за да постигнат ефект мора редовно да ја примаат и да не ја прекинуваат, бидејќи тоа води до вложување на состојбата на пациентот. Според неа, единствено докторот може да утврди и потврди дали дозата може да се намали или да се исклучи од употреба.
Проф. д-р Дејан Докиќ рече дека астмата е збир на повеќе болести кои имаат слична манифестација, некои имаат лесна клиничка слика, а има и подвид на астма која е многу тешка, е резистетна на терапија и претставува голем проблем. Нагласи дека најголем број од хоспитализираните пациенти отпаѓа на овие тешки форми кои немаат ништо заедничко со алергија и претходни болести во фамилијата.
– Се јавуваат во тешка клиничка форма, која напредува и понекогаш завршува како хронична опструктивна белодробна болест. Многу е важно да се откријат подваријантите, да се открие механизмот на кој секоја од овие болести настанува за да имаме поединечен индивидуален пристап во лекувањето на пациентите, рече Докиќ и додаде дека постојат повеќе од 15 астма центри со цел што повеќе да може да се пристапи до пациентите насекаде во државата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Деца со Даунов синдром играат во претставата „И јас можам да бидам балерина“ (видео)
-
Во Македонија има од 80.000 до 100.000 болни од астма
-
Докторка вратила петгодишно девојче бидејќи доцнело четири минути, за пет часа веќе било мртво
-
Недостигот на витамин Д може да предизвика астма и респираторни инфекции