Сопругата на американскиот претседател Доналд Трамп, Меланија, изрази загриженост поради спорната имиграциона политика на САД и раздвојувањето на семејствата при илегалниот влез во земјата.
– Госпоѓа Трамп мрази кога децата ги одделуваат од родителите и се надева дека двата табора во Конгресот конечно ќе може да се усогласат за успешна реформа на доселеничката политика – изјави портпаролката на Меланија, Стефани Гришам.
Американската влада во петокот соопшти дека во рамките на нејзината нова политика на нулта толеранција, само меѓу 19 април и 31 мај од своите родители биле одделени 1.995 деца. Во овој период од мерката биле засегнати 1.940 мајки и татковци. Вообичаена пракса е во рамките на кривичната постапка децата да не бидат притворани заедно со своите родители, велат од владата, туку тие да се згрижуваат во посебни установи или во семејства што привремено се грижат за нив.
Претседателот Трамп за ситуацијата на границата вината им ја припишува на демократите како носители на законот, кој предвидува раздвојување на семејствата на илегалните мигранти. Американската администрација во октомври, почнувајќи драстична политика против илегалното доселување, започна на родителите што илегално ја преминуваат границата да им ги одзема децата и да ги сместува во домови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.