
Колумнист: Горан Момироски
Американскиот дипломат од висок ранг Филип Рикер не успеа во својот обид да предизвика дебата за името, односно јавна вивисекција на последниот предлог на посредникот Метју Нимиц. Неговиот апел да се разговара за тоа што од предлогот на Нимиц е прифатливо а што не, беше прифатено само од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој со истиот вокабулар ги повика граѓаните да се вклучат во јавни разговори за тајниот процес на преговори. Ниту Рикер ниту Ахмети не успееја во својата намера да наметнат дебата за името како што ниту Штефан Филе ниту Европската унија со своето однесување не успеа да ја запре дебатата дали воопшто вреди да се стремиме кон ЕУ ако таа се води според перфидните интереси на своите членки, а не според јавнодекларираните правила и процедури.

Дваесет и две години од независноста и петнаесетина години откако и формално го почнавме патот кон ЕУ на Македонија за првпат ѝ се случува дилема дали вреди да се стане член на ексклузивниот клуб ако на тој пат станете аморфна маса, а притоа како кула од карти еден по друг се уриваат сите европски документи од критериумите од Копенхаген, па до сите резолуции и декларации на Европската унија, Советот на Европа, Обединетите нации и документи на ОБСЕ. Деновиве за првпат во земјава јавно и без ракавици се зборува дали треба да се биде дел од ЕУ под вакви понижувачки услови. За разлика од порано кога дел од интелектуалците подолго време бараа да се преиспита одлуката за влез во ЕУ по секоја цена, а кои беа сметани за „националисти и радикали“, сега дебатата ја водат проевропски интелектуалци, кои и вербално и со дела секогаш се залагале за побрз влез во Унијата, која ја гледаат како единствена иднина и како политичка асоцијација, но и како систем на вредности кон кои вреди да се стремиш.
Се работи за умерени и влијателни новинари и претставници на граѓанскиот сектор, кои со години со своите настапи во јавноста биле столб на анкетите во кои влезот во ЕУ го поддржуваат повеќе од 90 проценти од граѓаните, што е „светски рекорд“ во процесот на европска интеграција уште од почетокот на Европската заедница.
Без разлика дали прагматичниот еврокомесар за проширување Штефан Филе е искрен кога вели дека одлуката на ЕУ на јунскиот самит да не се зборува за Македонија е голем пораз за Унијата или само се обидува со вакви изјави да си ги исчисти гревовите пред јавноста, тој јасно ни порача дека каде што има сила и интерес не треба да се очекува правдина. Нема причина да не му веруваме на досега коректниот Чех на привремена работа во Брисел, особено што користењето на двојни стандарди од страна на Европската унија тој го нагласи и пред една недела, кога на конференција за медиуми во Брисел јасно кажа дека не е фер да се зборува за медиумите во Турција, а да се молчи за состојбата во Италија. Слично како што европратеничката Дорис Пак јавно призна дека Унијата има двојни стандарди кога зборува за малцинските права во регионот, а премолчува за негирањето на европската членка Грција на какво било малцинство на нејзина територија. Пораките што ни ги упатија Филе и Пак минатата недела требаше да ни објаснат дека не смееме да се надеваме на што било позитивно сѐ додека Унијата не ги преиспита и расчисти своите внатрешни дилеми и стандарди. Нешто што барем во случајот со Македонија, според сѐ, нема да се случи набрзо. Токму тоа ги испровоцира умерените автори на јавното мислење да проговорат за двојните стандарди на ЕУ.
Според директорката на Високата школа за медиуми и за односи со јавност Жанета Трајковска, на Македонија ѝ е потребна дебата за тоа во кој правец ќе се движи земјата во услови кога прашањето за името е нерешливо, а ЕУ и покрај тоа што знае дека никаков притисок нема да го смени ставот на граѓаните за името, користи двојни стандарди и дополнително ја поттикнува атмосферата во која политичката елита создава непријатели, кодоши , предавници и скептици.
Доскорашниот главен и одговорен уредник на ТВ „24 вести“ Боби Христов е уште покрут во своите ставови за ЕУ. „Доста е. Време е да се размислува за суспензија на преговорите со ЕУ и по последното игнорирање на заслужената препорака за датум за почеток на преговори. На најновото бриселско игнорирање, несомнено треба да следува едно македонско – сиктер. А, откако сите нѐ освести ’кој ѝ го смести на Македонија’ , нема посоодветна личност за да го напише тоа сиктер-писмо од претседателот Иванов. И не едно туку три треба да напише“, вели Христов, кој меѓу колегите важи за новинар, кој декларираните европски вредности ги смета за цел кон која треба да се стремат македонските граѓани.
Дали Европската унија ќе го запали црвеното светло за тревога поради тоа што против нејзините лажни вредности се свртеа и тие што до вчера се колнеа во единствениот исправен пат за земјата е прашање на интерес, пред сѐ на евробирократите во Брисел. Друго важно прашање е дали со блокирањето на Македонија и со одложувањето на датумот за преговори на Србија тие свесно им дадоа простор на радикалите во регионот. Да се тврди дека ЕУ има интерес во регионот повторно да се разгори национализмот е, можеби, смешно, но никој не може да ја исклучи и таа варијанта ако се земе предвид однесувањето на европските членки. Како поинаку би го објасниле решението на Брисел Србија и Македонија да ги исклучите од процесот на проширување по сите отстапки што ги направија двете земји. И тоа во услови кога во Албанија националистичката Црвено-црна алијанса има иста експанзионистичка реторика како и водечките политички партии, а во другите земји на регионот каде што живеат Албанците идејата за голема држава никогаш не била поактуелна. Брисел многу добро знае дека национализмот на Балканот работи на принципот на сврзани садови и дека српскиот и македонскиот национализам нема да остане мирен пред заканите од соседството и од дома. Како што знае дека нов конфликт во регионот ќе ја чини десетици илјади жртви и милијарди евра на своите даночни обврзници. И покрај сѐ, ЕУ се однесува како што се однесува, притоа заканувајќи се од проект што донесе долгорочен мир на стариот континент да се претвори во проект што предизвикал војна на југот од истиот континент.
Жанета Трајкоска, директорка на ВШНОЈ
Мислам дека во Македонија е време да се отвори дебата што нѐ очекува во иднина и кон каде се движи државата. Сметам дека т.н. преговори за името со Грција отсекогаш биле безнадежни бидејќи спорот е бесмислен, ако воопшто може да се нарече спор… Ова прашање е нерешливо и не верувам дека во Македонија постои политичар од македонскиот или од албанскиот блок, кој би можел да најде начин да го смени името на државата без далекосежни последици. ЕУ тоа добро го знае и никакви притисоци не може да го избришат овој факт. Напротив, нивната политика на двојни стандарди прави плодна почва за нашата политичка елита да може да креира непријатели, предавници, кодоши и скептици, сѐ со цел да покаже дека сите се против Македонија, а само тие ѝ мислат најдобро.Прашањето со името и преговорите со ЕУ се користат како оправдување зошто ако некој мисли поинаку од главните политички фактори, а, пред сѐ, од тие на власт, да се стави на столбот на срамот наречен непријател на државата, колективниот интерес да преовладува над индивидуалните права, демократијата да бледнее над националната борба за зачувување на идентитетот. И сето ова се прави со изместување на тезите, со извртување на фактите, со чудни аргументи и објаснувања. Ако нашите политичари тоа го прават како претставници на полуконсолидирана демократија и земја во транзиција, тогаш кое е оправдувањето на европските политичари и на бирократијата на ЕУ?! Ниедна нивна политика на (не)еднакви права и на продавање демократски вредности со чудни сфаќања за спроведување во зависност од државата и од нивните интереси не им носи добро на Македонија и на нејзините граѓани.
Најголем дел од нас сакаат да живеат во држава во која заради нас владее правото и правдата, а не заради ЕУ. Заради нас, а не заради клубот Европа сакаме држава на еднакви граѓани и почитување на индивидуалните права на секој од нас. А од досегашното искуство со европскиот клуб на (не)еднаквите мислам дека и таму нѐ очекува истата парадигма на политички односи и демократија, чијашто основа е политичка моќ и интерес, а не човекови права и слободи…
Јас лично не сакам да бидам член во таков клуб, доволно ми е македонската политичка елита… Затоа сметам дека е време со отворени очи да погледнеме до каде сме стигнати и кои ни се приоритетите, во каква држава сакаме да живееме и кои вредности сакаме да ги негуваме, каква демократија да изградиме – за нас, а не заради членството во ЕУ или во НАТО.

Боби Христов, уредник
Доста е. Време е да се размислува за суспензија на преговорите со ЕУ и по последното игнорирање на заслужената препорака за датум за почеток на преговори. На најновото бриселско „игнор“, несомнено треба да следи едно македонско – сиктер. А откако сите нѐ освести „кој ѝ го смести на Македонија“ , нема посоодветна личност за да го напише тоа сиктер-писмо од претседателот Иванов. И не едно туку три треба да напише.
Првото, секако, треба да го напише до Ромпуј, Ештон, Филе и до сите други негови 27 колеги, кои од „Јустус Липсиус“ (Justus Lipsius) ни маваат „игнор“ на секои шест месеци и по некоја ситна чврга во меѓувреме. И јасно и гласно да им каже дека Македонија нема да дозволи на нејзин грб да се прекршуваат европските фрустрации, безобразна лицемерност и двојни стандарди од кои на Жан Моне, Роберт Шуман, Конрад Аденауер и на другите татковци на денешната ЕУ коските в гроб им се превртуваат. И да им порача недвосмислено и без дилеми дека нам, на потомците Александрови, од земјата осветена и со ореолот на свети Павле при неговите патешествија по Паљурци, преку глава ни е од нивната дволичност и ни се смачи да седиме под нивните ХЛАДО-ви, за кои знаеме дека не се ништо друго туку само бирократско покритие за нивната политичка кратковидост и неподготвеност да се спротивстават на бескрупулозната злоупотреба на принципот на европска солидарност од разгалениот им „мемебер оф д клаб“ (member of the club), кoј од свои лукративни побуди ги подведува и на криминален чин на непочитување на одлуките на г. Џастис (Mr. Justice) од Хаг. Да. Доста е! Доста е од лицемерство – и европско и домашно. Во тој момент кога власта ќе нѐ увери дека навистина направила сѐ за македонските позиции и дека навистина самопрегорно работела на остварување на европската агенда е тогаш ќе биде времето за општа поддршка за сиктер-писмо. Но, во меѓувреме, за жал, имаме само време на – лицемерие!
Последното однесување на Брисел отвора и други важни дилеми во кои можат да бидат долгорочно присутни на нестабилната регионална сцена. Како ќе се однесува утре Македонија кога ќе стане дел од ЕУ, а Србија како земја-членка на ЕУ ќе го блокира Косово? Што ќе направи официјално Скопје кога пред се македонските граѓани од албанско етничко потекло ќе бидат против ветото од Белград, кое би се косело со правилата на ЕУ.
Едно меѓународно истражување, кое опфати триесетина припадници на македонската политичка и деловна елита, вели дека за ниту еден од нив нема алтернатива на ЕУ. Најголем дел од нив се согласуваат со тезата дека, што и да биде, Македонија ќе преживее, но голем дел не знае во каква форма. Се разбира, никој не го нагласува стравот од конфликти, но тој е присутен, лебди во воздухот при секој разговор на оваа тема. Заканите, кои во поблага или подиректна форма доаѓаат од радикалните и умерените политички сили на Албанците, а кои говорат за „Сите Албанци во една држава“, не се само празна флоскула. Тие се визија, а за многумина што ги употребуваат се и завет. Доколку ЕУ не ги анализира и не ги калкулира сите овие трендови во регионот, тоа го прави свесно, а доколку, пак, веќе ги калкулирала во своите решенија, тоа значи дека е подготвена или допрва се подготвува за црни сценарија во регионот.
Единствената добра вест за европроширувањето деновиве беше тоа што Брисел почна преговори за ново поглавје со Турција. Да не се случеше поради два важни настана што претходеа, можевме да ги доживееме и како добра желба на ЕУ. За жал, новото поглавје на Турција ѝ се случи дури откако високи претставници на Анкара ѝ се заканија на Унијата дека ќе си бара друго чаре ако се продолжи со некоректното однесување кон неа. При анализата на ова одлука не треба да се занемарат ниту информациите дека доколку не се случеше тоа, германската канцеларка Меркел за првпат ќе се соочеше со организирана турска кампања по која ниту еден од четирите милиони Турци во Германија немаше да го даде својот глас за нејзината партија. Така стравот од протурска политика на Меркел, кој можеше да ѝ одлее некој милион гласови, се претвори во страв дека нејзините противници можат да добијат неколку милиони турски гласови. Дури и овие анализи да не се совршено точни, тие одлично прикажуваат како функционира европската политика.
Се разбира, Македонија ниту во моментов, кога е надвор од ексклузивниот клуб, ниту утре, кога ќе влезе во него, нема да може да ги креира генералните политички трендови и позиции. Тоа што земјава, секако, може да го направи е да бара принципиелност и почитување на меѓународните правила, конвенции и договори. Со други зборови, тоа што пред извесно време го кажа претседателот Иванов, мора да биде централна позиција во сите идни чекори. За Македонија не е прифатливо членките на НАТО, на пример, кои сите до една се членки на ОН, да ја игнорираат пресудата на Судот за човекови права во Хаг според која Грција згрешила, а Македонија по речиси сите точки од обвинението е невина. Уште помалку треба да се кокетира со промена на уставното име и да им се дава надеж на европските бирократи дека се согласуваме со трговија во која ќе ја загубиме душата за да добиеме парче леб и паштета.
(објавено во 43. број на неделникот „Република“, 28.06.2013)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


