| четврток, 6 декември 2018 |

Менувам „трабант” за „вартбург” – шифра г…. за г….

 Предраг Димитровски

Што ти е карма! Не така одамна, од државниот грб ја тргнавме комунистичката црвена ѕвезда петокрака, а сега сме на пат, додуша не иста, ѕвезда или ѕвездичка да добиеме на националноста македонска и јазикот македонски. Таа ќе има свое значење или, подобро речено, објаснување. Со ѕвездата или ѕвездичката ќе се знае дека Македонците и нивниот македонски јазик се од словенско потекло, што нема врска со потеклото на населението во грчка Македонија. Така ќе се врши и разграничување меѓу населението и јазиците од двете страни на македонско-грчката граница.

Според неофицијалните информации од дипломатски извори до кои дојде МКД.мк, а како ударна вест ја пренесоа речиси сите портали и останати медиуми, со договорот, што бил постигнат за пакетот Илинденска Македонија се прави „размена” – ерга омнес употреба на новото име, а за возврат останува македонскиот јазик и идентитетот. Но, прашањето било дали во заградите (nationality) и (language) ќе стои ѕвезда * со објаснување дека станува збор за словенско потекло кој нема врска со потеклото на населението во грчка Македонија, со што се врши разграничување. САД бараат премиерот Зоран Заев да даде согласност за текстот на договорот до 9 јуни.

Значи, само уште неколку дена и Македонците ќе знаат дали тие и нивниот јазик ќе бидат означувани со ѕвезда или ѕвездичка или не. А, заедно со тоа, ќе си го дознаат и новото име на својата држава. Но, како и да е, оваа „креативна„, со или без наводници размена, веднаш паѓа в очи. Зашто, во многу наликува на она познатото „јас тебе војводо, ти мене сердаре„. Башка, размена во суштина значи трампа или обична разменување со нешто. А, во времето на Студената војна за тоа имаше и еден виц. Не знам дали баш соодветствува или некој ќе најде доза на вулгарност, но ќе потсетам на него. Во огласниците за автомобили, во рубриката менувам, се појавил оглас со следната содржина: „Менувам „трабант” за „вартбург” – шифра „г…. за г….”.

Шегата на страна. Работата е пресериозна. Ако воопшто се прифати предлогот, многу е важно каде, за кои организации и на кои се документи ќе стои таа ѕвезда или ѕвездичка. За меѓународните организации и така и така. Ама, ако треба да стои на лични документи, посебно на патните исправи, тогаш работата нема да е ни малку едноставна. Без разлика дали ќе станува збор за националноста или јазикот. Зашто, таа ѕвезда или ѕвездичка ќе значи и еден вид обележување или, ако сакате, жигосување на Македонците и нивниот јазик. Не само што ќе ги разликува од населението во грчка Македонија и нивниот јазик, туку ќе ги разликува и од сите останати светски нации и нивните јазици. Има ли некоја друга нација или јазик со ѕвезда или ѕвездичка?! Да не тврдам дека нема, ќе речам дека јас не знам такви. Знам само дека со Давидовата ѕвезда или Меген Давид, која заедно со менората претставува симбол на јудеизмот, во најмрачниот период на човештвото биле означувани Евреите за кои таа значела сигурна смрт! Значи, по Евреите, Македонците ќе бидат вториот народ во историјата на човештвото, што ќе биде обележуван! Можеби некому споредбата ќе му изгледа несоодветна или глупава, но реалноста е таа.

Еве, да се прогледа низ прсти за ѕвездата или ѕвездичката кај Македонците како нација. Но, какво значење би имале тие кај јазикот?! Што е целта? Да се направи разграничување со јазикот, што бил користен во периодот на антиката на овие простори, или од јазикот, што сега го користи населението во грчка Македонија? Па, и во едниот и во другиот случај со ова само се потврдува дека се корист(ел)и македонскиот! Та, нели за Грците се подразбира дека во антиката постоеле само антички Грци, но не и антички Македонци! Или, ако постоеле антички Македонци тие го користеле старогрчкиот, а не старословенскиот!

Обележувањето или жигосувањето, како сакате, на Македонците и нивниот македонски јазик уште во стартот има знаци на ксенофобичност. Според Дигиталниот речник на македонскиот јазик, ксенофобијата е именка од женски род и значи мразење на странци или страв од странци. Само за потсетување, во 2016, токму за време на гласањето за Брегзит, ксенофобијата беше избрана за збор на годината според интернет речникот „Дикшнери.ком”. Страницата „ксенофобијата” ја дефинираше како „страв или омраза кон странци и луѓе од различни култури, а во план било значењето на зборот да се прошири и на страв од недопаѓање на „обичаи, облека и култура, чие потекло е поразлично од нашето”. Инернет речникот потсетува и на тоа дека зборот потекнува од грчкиот термин „х(кс)енос” што значи странец и зборот „пробос” кој означува страв или паника. Е сега, дали Македонците и македонскиот јазик означени со ѕвезда или ѕвездичка некој, на некоја граница, може да ги гледа на ваков начин?!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top