Да можеа да зборуваат седумте лика од монументалниот Споменик на ослободителите на градот Скопје, каде премиерот Зоран Заев заедно со својот кабинет ја одбележаа првата година од своето владеење, којзнае што се ќе прашаа или кажеа. За оние, кои сакаат да најдат некаква симболика зад изборот на местото на „прославата”, сигурно има многу елементи, што би можеле да се сведат на едно едноставно прашање-за кого ли и зошто само загинале и ги дале своите животи?! За нивните директни партиски наследници денес, со севозможни еквилибристики, да негираат се што досега е сторено во оваа мала, но со векови напатена држава?! Таков е животот, што би рекле Французите.
А, „реферирањето” на премиерот Заев пред јавноста за досега ветеното и сработеното во многу наликуваше на онаа позната анегдота од времето на Кралска Југославија и некои од парламентарните избори. Тогаш некој од кандидатите за пратеник во парламентот во Белград од некогашната Вардарска Бановина, на митинг на присутните им ветувал се и сешто. И кога некој од публиката довикнал дека извесна госпоѓа немала пород, тој воскликнал-ако треба и дете ќе и направиме!
Така некако звучеше и премиерот. Како џубокс. Ставаш паричка во него и пушташ песна, што сакаш да ја слушнеш. Со други зборови, поставуваш прашање и добиваш одговор каков што сакаш да слушнеш. Што со еталната ограда околу Владата-ќе ја срушиме, како што ветивме. Што со најавениот бројчаник-ќе го поставиме, парите ќе им се вратат на граѓаните, само следете ги судењата на претходната владејачка елита. Има ли договор за името Република Северна Македонија-нема, ама во септември или октомври ќе има референдум, а претходно се ќе биде усвоено во Собранието. Ќе има ли придавка во името-абе пред десетина дена прифатив, ама сега се оградувам, зашто разговорите со Грција се во финална фаза. Ќе има ли менување на Уставот-ќе нема, ама ќе има, малку подоцна. Дали се откажавте од Македонците во Бугарија-не, не сме се откажале…
„Милозвучно” за секое уво. Како секој вистински музички хит без оглед на стилот на кој припаѓа. Скопско и се е можно. А, реалноста? Не е важна. На неа секој гледа со свои очила и ја гледа така како што сака да ја види.
Пишува: Предраг Димитровски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.