| четврток, 6 декември 2018 |

Владата денеска ќе ја одржи својата 104 седница

Од поголемиот број точки на дневниот ред од Програмата за работа на Владата на РМ, и од интерес на граѓаните, на седницата денеска ќе се разгледа Информацијата за изградба на Дом на спортови, како и Информацијата за отворање на регионална канцеларија на EASA за Балканот во Скопје во просториите на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

На предлог на Државното правобранителство, на седницата на владата денеска ќе биде презентираната Информацијата на Државниот правобранител на Република Македонија за потреба од зголемување на бројот на државните правобранители во Државното правобранителство на Република Македонија, со Предлог за донесување одлука по ова прашање.

Министерство за транспорт и врски за денешниот дневен ред на седницата на Владата на РМ предлага на разгледување две точки: Информација од потребата за спроведување на повеќегодишна јавна набавка за избор на независна ревизорска куќа, за потребите на проектот „Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на коридор VIII, фаза 1 – делница Куманово – Бељаковце“, финансиран по пат на заем од Европската банка за обнова и развој, и Информација за потреба од доставување на апликација за инвестициски грант за изградба на заеднички железнички граничен премин со придружни содржини „Табановце“ помеѓу Република Македонија и Република Србија

На денешната седница министрите во Владата на РМ ќе се произнесат по Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, на предлог на Министерството за правда, а Министерството за внатрешни работи на дневен ред го достави Предлогот за поведување постапка за водење преговори за склучување на Протокол помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе.

Владата на оваа своја 104 седница ќе биде информирана за извршената анализа на внатрешните процеси, функциите и човечките ресурси за стратешко планирање во министерствата и другите органи на државната управа што ја изготви Генералниот секретаријат на Владата на РМ.

Министерството за труд и социјална политика за точка на дневен ред на оваа седница предлага да биде разгледан Предлог-закон за изменување на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата.
На денешната седница, на предлог на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ќе биде разгледана Информацијата за основање на туристичка развојна зона Матка во општина Сарај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top