Професорот по право Џузепе Конте се согласи да ја предводи новата италијанска коалициска влада, формирана од антиимигрантската десничарска партија „Лига“ и антисистемското „Движење 5 ѕвезди“.
На синоќешната средба, претседателот на Италија Серџо Матарела му го додели мандатот за формирање влада на Конте и тој прифати.
Генералниот секретар на претседателската администрација Хуго Џампети соопшти дека церемонијата на положување заклетва на новата влада ќе се одржи денеска во 16 часот, по локално време.
Конте веднаш го претстави составот на новиот кабинет.
Лидерите на двете коалициски формации ќе добијат позиции во новиот кабинет. Лидерот на „Лига“ Матео Салвини ќе биде министер за внатрешни работи, а лидерот на „Движењето 5 ѕвезди“ – Луиџи ди Мајо ќе стане министер за труд и социјална политика. Тие, исто така, ќе бидат вицепремиери.
Клучната позиција -министер за економија и финансии ќе биде на професорот по економија Џовани Триа.
Поранешниот министер за европски прашања Енцо Моверо-Миланези ќе го предводи Министерството за надворешни работи. Паоло Савона е назначен за министер за европски прашања. Министерот за одбрана ќе биде Елизабет Трента, експерт за прашања поврзани со безбедноста и одбраната во жариштата како Ирак, Либан и Либија.
Алберто Бонисоли ќе биде министер за културно наследство, култура и туризам, а Џулија Бонџорно, позната адвокатка, ќе биде на чело на Министерството за државна администрација. Младиот адвокат Алфонсо Бонафедер ќе биде министер за правда. Со Министерството за транспорт ќе раководи Данило Тонинели. На чело на Министерствоито за здравство ќе застане Јулија Грилом на Џан Марко Џентинајо ќе го преземе Министерството за земјоделство, додека животната средина е доверена на Серџо Коста. Министерот за регионални работи ќе биде Ерика Стефани.
Во новата влада ќе има и две нови министерства – за прашањата на јужна Италија, кое ќе го предводи Барбара Леци, и за прашања на семејствата и луѓето со ограничени можности што ќе го предводи Лоренцо Фонтана.
Генерално, во новата влада ќе има 18 министерства, од кои пет се доверени на жени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.