| четврток, 6 декември 2018 |

„Јадро“ алармира: Министерството за култура заслужува раководител кој стратешки ќе ги обликува вредностите на културните политики

Пред зградата на Министерството за култура на Република Македонија во 13 часот ќе се одржи прес конференција на ЈАДРО-асоцијација на независната култура, по повод информациите за смена на министерската позиција во ова министерство.

Зад ставовите кои ќе бидат изложени  на оваа прес конференција стојат  засегнати претставници кои работат во полето на културата, претставници на институции, на независниот културен сектор,  на здруженија од културата, уметници и граѓански активисти.

Реагираме и од државните претставници бараме сериозен и одговорен однос спрема Министерството за култура кое, за жал, до неодамна, цели 11 години, претставуваше инструмент за спроведување авторитарни политики и за реализација на мегаломанскиот и нетранспарентен проект СК014, кој ги осиромаши граѓаните и ја уназади културата во Република Македонија.

АЛАРМИРАМЕ: ова Министерство заслужува раководител преку кој Македонија стратешки ќе ги обликува вредностите на културните политики, кои се дел од новата Стратегија за култура на Република Македонија, а во чие изготвување учествуваа многу засегнати културни актери.

Владата на изборите ја доби поддршката, меѓу другото, и од граѓанските активисти и од независниот културен сектор, врз основа на најавениот нов, демократски, отворен, ненационалистички и граѓански систем на идеи и вредности. Не смееме да дозволиме овој процес да запре со смената на министерската позиција.

ПРАШУВАМЕ: со кое право ова за нас клучно министерство Владата сега го „продава“ на партија чија идеолошка позиција, реторика и ставови целосно се косат со вредностите зад кои стоевме сите заедно, а кои се отелотворени во новата Национална стратегија за културен развој?

БАРАМЕ ИТНО ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ОВАА ОДЛУКА НА ВЛАДАТА. Но, пред сѐ БАРАМЕ ТРАЈНО СЕРИОЗЕН, ТРАНСПАРЕНТЕН И ОДГОВОРЕН ОДНОС СПРЕМА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top