| четврток, 6 декември 2018 |

Обвинителката одлучи Заев да го гони за барање, но не и за примање поткуп

Измена на обвинението во случајот „Поткуп“ направи денеска обвинителката Валентина Бислимовска од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, во својот завршен збор. Според измената на обвинителката Бислимовска, судот треба да донесе пресуда за премиерот Заев, не за примање и барање поткуп, туку само за барање на поткуп.

Според Кривичниот законик, членот 357, став 1, за кој досега обвинителството го гонеше Заев, предвидува затвор од најмалку четири години, а со измените кои денес ги направи обвинителството, односно гонењето на обвинет за ставот 2 од истиот член предвидува казна затвор од една до пет години.

Обвинителката Бислимовска во својот завршен збор направи анализа на обвинителниот предлог и рече дека обвинетиот не излегол надвор од своите службени овластувања, бидејќи тој во текот на 2014 година поднел барање за одземање на корисничко право до Министерството за финансии, тоа дејствие го презел во рамките на своите службени овластувања и за ова бил оформен предмет. Бислимовска нагласи дека сведокот Иван Николов во својот исказ бил дециден дека не му дал пари на Заев и дека Заев не примил подарок. Од сите докази, рече обвинителката, не произлезе дека обвинетиот прибавил имотна корист и сосема е јасно дека законот за кривичното дело поткуп бара примање на награда и завршување на дејствието. Во овој случај не е исполнет основниот облик и не е извршено службено дејствие, туку сите дејствија се преземени како дејствија кои Заев можел да ги преземе како градоначалник на Општина Струмица.

„Вршам измена и дополнување на обвинението. Во текот на 2014 година во општина Струмица Зоран Заев во својство на градоначалник, во својата канцеларија директно од Иван Николов побарал подарок, пери, за себе и за друг за изградба на црква да изврши дејствие што морал да го изврши, да донесе одлуки за пет катастарски парцели во корист на сведокот Николов. Заев побарал едно евро за себе и едно евро за црквата, а Николов требало парите да ги предаде во менувачница чиј сопственик бил Вице Заев. Николов неколку пати го менуваше исказот. Јас како обвинител вршам измена на правната квалификација и барам од судот на обвинетиот да му биде изречена осудителна пресуда и тој да се огласи за виновен за членот 357, став 2 од КЗ, од изменетото обвинение. Барам да му се изрече казна, а при одредувањето на видот и висината на истата судот да ги цени сите олеснителни и отежителни околности“, рече во завршен збор обвинителката Бислимовска.

Во моментов трае пауза, по што завршен збор пред судот треба да даде и обвинетиот Заев и неговите адвокати.

mkd.mk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top