| четврток, 6 декември 2018 |

Кица Колбе, писателка: Со „Земја на бегалците“ сакав да ја прикажам траумата и страдањето на обичните луѓе, кои остануваат невидливи по сите војни

„Земја на бегалците“ е роман-хроника, роман-повест за една бегалска фамилија во Македонија на почетокот на педесеттите години на 20 век, која може да биде парадигматска за темата на бегалството, воопшто. Клучна е идејата за тоа колку долго војната и по бегството невидливо се одигрува во бегалските фамилии. Таа војна по војната, или траума на траумата по бегството, трае долго откако војните завршиле и сите ги заборавиле, ама не и членовите на бегалските фамилии

Синоќа во Кино Култура беше одржана книжевната вечер посветена на последниот роман на еминентната писателка Кица Колбе, „Земја на бегалци“. Романот е објавен во едицијата ПРОаЗа на „Или-или“ и како што рече главниот уредник на издавачката куќа ним им е исклучителна чест што Колбе стана дел од нивното семејство. Книжевниот разговорот со Колбе, добитничката на престижната награда „Роман на годината“ во 2006 за „Снегот во Казабланка“ мошне умешно и суптилно го водеше Владимир Јанковски, македонскиот писател, критичар, истражувач, преведувач и промотор на книжевни манифестации.

Колбе е етаблирана македонска писателка и естетичарка, филозоф и преведувач, која долги години живее во Германија. Ова е нејзина четврта книга по: „Егејци“, „Снегот во Казабланка“ (роман на годината, 2006), и „Жените Гаврилови“ (кандидат за Балканика, 2009).

„Земја на бегалците“ е роман-хроника, роман-повест за една бегалска фамилија во Македонија на почетокот на педесеттите години на 20 век, која може да биде парадигматска за темата на бегалството, воопшто. Клучна е идејата за тоа колку долго војната и по бегството невидливо се одигрува во бегалските фамилии. Таа војна по војната, или траума на траумата по бегството, трае долго откако војните завршиле и сите ги заборавиле, ама не и членовите на бегалските фамилии. Централна тема е разорната сила на војната и бегството, која не ги остава на мир оние кои „се спасиле“, но напуштиле и изгубиле се’, затоа што останале трауматизирани, со чувство на вина, со постојан страв, со чувство на неприпадност. За овие, во светската литература толку актуелни теми, многу малку е пишувано во македонската литература.

– Последниот роман на Колбе „Земја на бегалци“ е роман низ кој најинтензивно се чини дека е преточен крвотокот на личното искуство. Кога би требало да изберам неколку клучни зборови преку кои би можел да почне разговорот или да направам речник на романот „Земја на бегалците“ би почнал со ’припадност’, ’домидома’, ’сеќавање’, ’паметење’, ’страдање’. Сите тие зборови упатуваат на еден поширок концепт кој многу ни е познат – рече Јанковски.

Во романот Колбе пишува дека „паметењето е секогаш детство. Сѐ е спасено кога барем уште еден памети. Ниту една древност не загина пред силата на нивното паметење“ кој, како што кажа Јанковски е неговиот омилен цитат од романот.

– Романот го пишував подолго време. Веќе шест-седум години размислував за роман на германски јазик на тема детство во бегалски амбиент. Објавив еден краток есеј на германски јазик во едно австриско списание во 2008 година во кој направив резиме на тоа што сакам да напишам. Есејот се вика ’Заборавените бегалци, приказната на мојата фамилија’. Кога почнав да го пишувам на германски јазик прво сфатив дека на германските читатели нема да можам ништо да им пренесам со зборот ’егеја’ односно Егејци. За нив тоа ништо не значи и не го знаат во неговата конотација како стереотип или како еден вид клише. Во тој момент се откажав од пишувањето на тој начин за таа тема. Во 1990 година јас пишував за таа тема во книгата „Егејци“. Потоа почнав да работам сличен ракопис на македонски јазик – рече Колбе на книжевната промоција објаснувајќи зошто го почнала овој роман.

Кога ја добила пораката од нејзината сестра за смртта на нивната мајка, Колбе почувстувала единствен порив – да бега!

– Кога малку се смири болката, постојано мислев на тоа чувство и се прашав зошто бегството беше првиот мој импулс кога ја дознав пораката. Сфатив дека не можам овој роман да го пишувам автобиографски, како што се напишани сите мои досегашни романи. Не можев да продолжам да ја пишувам приказната на моите предци и на тој начин и едно бегалско детство. Се обидов да ги сменам имињата. Кога ги смени, долго време имав блокада, бидејќи чувстував дека сум ги предала моите предци, бидејќи ним еднаш веќе некој друг им ги сменил имињата. Го оставив нацртот на романот. Следеше разговор со една пријателка, писателка. Таа ми сугерираше дека приказната треба да ја раскажам од дистанца, во трето лице. Почнав така и одеднаш немаше никаков проблем да ги сменам имињата. И така се создаде ликот на таа малечка чупка Фросе Аврамова – објаснува Колбе.

Во романот на едно место се вели дека „книгите паметат подолго и потрајно од надгобрните споменици.

– Гледајќи ја балканската историја, тоа е точно. Фросе вели дека би сакала да ги собере сите предци во една книга. Додека го пишував романот многу ме потресе една друга книга, „Род“ на Миљенко Јерговиќ, кој по смртта на мајка му се наоѓа во истата ситуација во која се најдов и јас. Тој за неговата книга вели дека имињата се исти, ама книгата не е биографска. И овде има многу фикција. Тој вели дека мора да си го собере својот род во книга и мора да си даде смисла на постоењето на неговиот род кој е откинат од сите локални корени. Тоа е типично за една бегалска историја – вели Колбе, која објаснува дека зборот ’егејци’ во овој роман го користи едвај три-четири пати и тоа како шифра изговорена од другите.

Колбе е свесна дека можеби постои презасистеност од оваа тема во македонската литература и оти е веќе третирана, па затоа, „Земја на бегалци“ е напишана од гледна точка на децата, со посебен акцент на психологијата на траумите, чувствата, стравовите и надежите.

– Овој роман сакав да го извлечам од сенката на мојот роман „Егејци“ во кој јас првпат филозофски и литерарно третирав некои стереотипи за Егејцијте. Сакав да ја прикажам само траумата и страдањето на обичните луѓе, на тие кои по сите војни остануваат невидливи – вели Колбе.

Во романот е тематизиран животот во бегалско гето, траумата на директно погодените членови во фамилијата за која се раскажува по загубата на татковината и домот, но и на оние родените по бегството, затоа што авторката многу добро знае дека многу нешта се откриваат и од визурата на децата на бегалците. Со еден збор, се работи за една тема , стара колку и историјата на војните, а можеби никогаш толку актуелна како денес, вели Лидија Капушевска – Дракулевска за најновиот роман на Колбе.

„Земја на белалци“ е одбрана на литературата како уметничка пракса која може да го понуди она што не може да го понуди самата историја. Зачувувањето на посебното, индивидуалното човеково искуство кое има поинаква специфична вредност во однос на историјата, затоа што е лично, индивдуално, посебно. „Земја на бегалците“ верува дека личнити приказни на луѓето, згмечени од големите историски настани мора да се раскажуваат мора да раскажуваат и прераскажуваат токму поради тоа што во тие лични, посебни истории го има она што не може да се види во големата слика на историјата, смета Јанковски.

– Овој роман е мојата потрага по изгубеното време, како на Пруст. Ова е роман на распадот на една фамилија – вели писателката.

Кица Колбе (1951) студирала филозофија на универзитетите во Скопје и Белград. Магистрирала на естетиката на Теодор В. Адорно, а докторирала на германската естетика од 18-от век. Неколку години работела на катедрата за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top