| четврток, 6 декември 2018 |

Тендер – министерот нека го ослободи здравството!

 Дафина Стојаноска
– пратеничка

Кога на 11 декември 2016 изгубија на изборите, многумина, меѓу кои и јас, беа во дилема, што сега ќе се превземе, за да се изменат изборните резултати.

Бидна второто прегласување на 25 декември 2016 и повторно резултатот остана ист.

После долги игри и интриги ( да не го споменувам и 27 април 2017 ), конечно СДСМ се докопа до власта и до формирање Влада.

Од 01 јуни 2017 згазија смело, одлучно, сигурно, за да денес, после речиси една година од нивното владеење, немаме никаков напредок во државава. И тоа, замислете, со сите можни и не можни поддршки и пофалби (како на пр. Извештајот од ЕК ).

Конкретно, здравството…тоне. Нема ниту сламка за спас. Првиот министер од реформската влада даде оставка (заради градоначалничката кандидатура или не? ), па цели 4 месеци здравството го „неводеше“ заменикот министер. На крајот, падна одлука на контроверзното има Венко Филипче. Кутриот, се уште мислам дека не знае што го снајде. За жал, повеќето од граѓаните на оваа земја допрва ќе видат и ќе дознаат што ги снашло.

Нема ден некој повозрасен пациент да не се пожали за немањето лекови на рецепт во аптеките и за тоа како перфидно им ги зголемија давачките за лековите, кои барем да ги имаше до 15 – ти во месецот.

Клиничкиот центар и болниците ширум државава ни заликуваат на запуштени депонии. Таква е впрочем и целава држава, иако и на локалните избори освоија 90% од општините. Ниту градоначалници, ниту министри, ниту здравство.

Старите велат „голо здравје – чиста болест“, ама ова што денес ни се случува не е ниту голо здравје. Ова е катастрофа.

Ниту еден ветен проект од програмата за здравство на СДСМ или од владината програма се уште не е реализиран. Не само пациентите, туку и здравствените работници се незадоволни. Болничко бесплатно лекување за сите, повисоки плати за лекарите ( а, да не ги споменувам оние 100.000 денари за специјалистите ), исплата на специјализантите, повисоки капитации за општите лекари и стоматолозите, лекови на рецепт во аптеките после 15 – ти во месецот, усовршен „мој термин“…ништо. Голо ветување со нула реализација.

Ова здравство, кое го водат исклучиво кадри на СДСМ ( и министер, и заменик министер ), никогаш не било толку уназадено, како во поглед на услугите кон пациентите, така и во поглед на здравствените работници. Како да дојдоа на власт, за да срушат се што било добро во оваа земја. Ветуваа живот, дадоа жив песок, во кој за жал, полека, но сигурно, сите ќе потонеме.

И додека ги чекаме да пресметаат дали она што го ветуваа во 2016 – та е возможно да се реализира, возот ќе ни замине. Македонија е чудесна земја – да, но секој има своја трага на трпеливост и попустливост.

Здравството во оваа земја го водат неспособни луѓе кои под итно треба да бидат заменети, бидејќи време за играње со здравјето на граѓаните нема. Времето на ветувања заврши на 31 мај 2017, ама сведоци сме дека оваа власт сеуште анализира и ветува.

Тендер – министерот нека го ослободи здравството на некој кој искрено ќе се зафати за работа и за реформи во здравството, бидејќи ова е дното.

Сите од владеачкава гарнитура се научија на најлесното оправдување за нивната нереализација: „Чекајте, полека, има време, ќе биде“. Со вас, ниту државава ќе ја биде, а ниту пак здравството.

На крајот, сите велиме: „Здравје, ќе биде“. И здравството ќе биде, здравје!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top