| четврток, 6 декември 2018 |

Ак ѓот, кара ѓот – бене ѓот!

 Предраг Димитровски

Седам и читам, а на радиото врти некоја од радиостаниците. По којзнае кој пат ги препрочитувам колумните на мојот почитуван професор Јован Павловски, собрани во книгата „Време минато, време сегашно“, објавена во 2002 година со помош на Министерството за култура. Се задржувам на неколку наслови „Македонската црква“, „Укинувањето на Охридската архиепскиопија“, „Зборникот на Миладиновци“, „Значајните идеи на т.н. македонски сепаратисти“, „Архиепископија“, „Свежината на двете писма на Манџуков“…

Забележувате, според насловите, актуелни. Токму во последната, пишувана за некогашниот неделник „Пулс“ во ноември 1996 година, значи пред повеќе од 20 години, на крајот стои реченицата „По сто години, почнуваат ли, повторно, меѓу еден грст луѓе, делбите по национална линија, и ќе биде ли актуелна и денес суровата и со презир изречена констатацијата на некогашниот турски полицаец?“. Одговорот е да, само не по сто, туку по 120 години, а како повод може да послужи насловот на порталот за кој го пишувам текстов „Две прослави за 1000 години Охридска архиепископија-МПЦ со БПЦ во Охрид, СПЦ со Вранишковски“.

Да се вратам на споменатата колумна и битовите белешки „Скопска Црна Гора“ на Петар Манџуков, што ги пренесува Павловски.

„Во Белешките, а за тоа сакам да зборувам, женевскиот студент Петар Манџуков, кој во меѓувреме ги прифати идеите на анархистичкото револуционерно учење, дава минуциозна слика за пробивот на бугарската и српската пропаганда на просторите на Скопска Црна Гора. Стои запишано и тоа дека кон крајот на векот, во 1892 година, младиот Петар бил сведок на разгорот на овие две пропаганди. Вели:„Во Мирковци положбата беше ваква:„ во двете соби на на училиштето и српскиот и бугарскиот учител ги учеа децата на селаните од едно исто село – децата роднини. Некои од нив мошне блиски роднини. Но нели водат трсило од два различни и непријателски народа, кога ќе пораснат, ќе треба да настојуваат на своите национални права, да ги вардат традициите на својот народ и да ја наложуваат на другите својата национална волја“.

Понатаму, пишува Манџуков: „Учителите со снисходителност гледаа како учениците од двете соби на училиштето си дофрлуваа навредливи закачки и епитети за да се дразнат меѓу себе. Понекогаш и самите учители учествуваа во тие закачки. „Србинчињата“ многу се лутеа кога „Бугарчињата„ ќе им викаат „ца-ап“ – арнаутски „цап„ значи прч, а „Србинчињата„ во хор рецитираа:
„Бугарине – рине, ој, те тебе црни циганине!“.

Така почнуваа делбите меѓу ист народ. „Сето тоа се одразуваше и на нивните родители“, ќе запише Петар Манџуков. И ќе додаде:„На тој начин, непријателството меѓу „Бугарите“ и „Србите“, подзасилувано од Софија и од Белград, преку училиштата, растеше и прераснуваше, на скопскоцрногорската почва, во вистинска војна, во која обете пропаганди се служеа со најдолни и најодвратни средства. Турската власт итро се провираше меѓу двете пропаганди и на тој начин го зголемуваше слабеењето на народот, а ја зајакнуваше својата сила„…

Колумната Павловски ја завршува со духовитата анегдота за делбите на „Бугари“ и „Срби“ на луѓето од скопскиот вилает, своевремено. „Имено, така, од збор до збор, запишал Петар Манџуков, го запрашале Дервиш Ефендија, тогаш началник на скопската вилаетска полиција, како добар познавач на националната определеност на населението, кој има повеќе право:„Србите“ или „Бугарите“. А тој одговорил:

-Ако разделиш едно лајно на две, која од двете половини ќе биде почиста? И едната е лајно и другата е лајно!

И додал:

-Ак ѓот, кара ѓот – бене ѓот! Во превод на македонски: Бел газ, црн газ – газ е!“.

Тоа што Петар Манџуков го забележал во своите битови белешки, што пред повеќе од 20 години ги пренел Павловски, се однесувале на состојбата на Скопска Црна Гора. Очигледно денес, таа состојба, пресликана низ најавените две прослави на 1000 години Охридска архиепископија, е прелеана на територијата на целата држава. Колку малку треба за духовен и културен геноцид на Македонците. Ако останале такви покрај новокомпонираните „бугарољупци“ и „србољупци“! Вреди, вреди да се чита и препрочитува не по еднаш, двапати, трипати…И по илјадата пати. Зашто, човек заборава, а и целиот свој живот учи.

И додека ова го пишувам на радиото ја слушам најавата на Цеца и некоја нејзина песна „Трула вишња“. На македонски би дошло „гнила“. Не дека сум нејзин фан или на турбофолкот воопшто, сепак песна си е песна, а и Цеца си е Цеца. Наспроти сите контроверзи поврзани со нејзе, сепак, со своите концерти ги урива рекордите на посетеност не само во Србија, туку и на целиот Балкан. Пред некое време некаде прочитав дека била ставена во некои српски учебници, па сега ќе ја вадат од таму, а против тој што го сторил тоа, ќе биле преземени соодветни мерки. Не ме засега, сепак станува збор за друга држава. Ама ја слушам песната и во еден нејзин дел Цеца пее:

„…радујте се, радујте се душе,
ситне, продане,
од исте сте рѓе коване…“

Или, на македонски

„…радувајте се, радувајте се души,
ситни, продадени,
од иста ‘рѓа исковени…“.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top