На годишнината од убиството на осум македонски полицајци и ранувањето на повеќе од 30 нивни колеги, Зоран Заев беше на гости кај Рамуш Харадинај.
Владата на косовскиот премиер им подели 220.000 евра на семејствата на осудените терористи кои пукаа во припадниците на македонските безбедносни сили.
Заев, во придружба на неговата сопруга, Зорица Заева, вчера биле во приватна посета на Харадинај.
За посетата Харадинај напиша на Фејсбук:
„Заедно со Анита, го поздравивме нашиот личен пријател и македонски колега, Зоран Заев, со неговата сопруга Зорица, со желба за нашето пријателство да размислуваме за односите меѓу нашите две земји и народи“.
За посетата на Заев кај Харадинај коментира и новинарот Цветин Чилиманов.
-Заев ја прослави годишнината од косовскиот напад врз Куманово кај другар му Рамуш, човекот кој им подели парични награди на терористите, напиша новинарот Чилиманов.
Кобниот 9-ти мај во 2015-та година се случи антитерористичката акција на македонската полиција во која осуммина македонски херои го положија својот живот во одбрана на својата татковина.
Полициската акција за разбивање на терористите се одвиваше во кумановската населба Диво насеље, дел од градската месна заедница „Тоде Мендол”, во близина на автопатот Е75. Акцијата започна рано утрината во 04:30 часот во саботата на 9 мај и траеше речиси непрекинато 28 часа, сè до 10:00 часот во неделата на 10 мај.
Убиени беа следниве припадници на специјалните единици на македонската полиција:
Жарко Кузмановски (р. 1981), од с. Брвеница, Тетово
Ненад Серафимовски (р. 1987), од с. Зубовце, Гостивар
Сашо Самојловски (р. 1982), од с. Брвеница, Тетово
Бобан Ивановиќ (р. 1968), од с. Стајковци, Скопје
Горан Илијевски (р. 1974), од Гостивар
Исамедин Османи (р. 1983), од с. Студеничани, Скопје
Љубиша Аранѓеловиќ (р. 1966), од Скопје
Горан Стојменовиќ (р. 1970), од Миладиновци, Скопје
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.