Најпознатата современа финска писателка Сала Симука (Salla Simukka), авторка на бестселерите за млади „Црвена како крв“, „Бела како снег“ и „Црна како абонос“ за прв пат дојде во Македонија на Саемот на книга во Скопје. Разговравме за нејзините психолошки, крими трилери во кои главниот лик – младата тинејџерка Лумики Андерсон, без да сака, запаѓа во безброј драматични и опасни ситуации кои сведочат за урбаната и забрзана динамика на живеење во нашето време. Вели дека инспирација црпела и од бајките за Снежана, според кои ги дала насловите на книгите. Делата на Сала Симука се преведени во 52 држави во светот и се светски бестселер што сведочи дека добрата книга не познава граници, мали и големи јазици или држави…
За прв пат сте во Македонија. Овие неколку дена колку што престојувате во земјава може ли да ни кажете какви Ви се впечатоците? Ви се допаѓа ли?
-Синока пристигнав во Скопје, не сум долго време овде, но од она што можев да го видам досега ми изгледа прекрасно. Времето е убаво,сончево, луѓето се пријателски расположени, непосредни…Утре ќе имам повеќе слободно време, па уште сега се радувам на прошетките.
Пред да дојдете читавте ли нешто за Македонија? Што Ве привлече од податоците кои можат да се најдат на интернет? Ви изгледаше ли привлечна?
-Пред да дојдам во Македонија, морам да признам дека не знаев многу за вашата земја. Но, се разбира, читав за вашата историја, за различните луѓе кои живееле на овие простори, но и кои живеат сега. За владетелите, кралевите…и се разбира се запознав за вашиот проблем со името со Грција. Секогаш сум се интересирала за историјата, како таа ги создала градовите, што кажуваат градбите за градовите итн. Овде има многу историја.
Саемите на книга се одлично место за еден писател да се сретне со своите читатели. Какво е чувството кога се соочувате со нив? Зборувате ли за главните ликови, за делото? Имало ли случаи кои читателите имаат сугестии во врска со книгата?
-Обично читателите не ми кажуваат што сакаат да пишувам, бидејќи се среќни со книгите онакви какви што сум ги напишала. И тоа е добро. Мислам дека е многу важно и интересно за еден писател да се среќава со своите читатели бидејќи кога пишувам книга јас сум сосема сама со книгата и приказната е само за мене. Но, кога книгата ќе се објави таа повеќе не е за мене, туку за читателите и сметам дека секој читател ја чита книгата на свој начин, со сопственото искуство, чувства…Така што книгата не е само една книга, туку таа е онолку книги колку што има читатели. Мислам дека тоа е многу убаво да се слушне. Дека толку мнпгу различни читатели и секој со сопствен сензибилитет ја читале книгата. Всушнот овде не станува збор за мене, туку за читателите. За читателот и за книгата и за магијата која се случува меѓу нив. Мислам дека е прекрасно да се биде дел од сето тоа.
На кои други Саеми за книга сте учествувале? Какви се Вашите искуства?
-Да, сум посетила многу Саеми на книга низ целиот свет. Минатата година бев во Банкок, Мексико и многу Саеми низ Европа. Ги сакам саемите на книга бидејќи тоа се места каде луѓето кои сакаат книги се сретнуваат и разговараат, си препорачуваат книги едни на други…И најпосле, тоа е место каде сите се заинтересирани за читање.И тоа е прекрасно чувство.
Бидејќи на Саемите сретнувате читатели од различни земји, од Европа и Мексико и Банкок…Што е заедничко за сите нив?
-Вообичаено, луѓето кои читаат книги се луѓе кои размислуваат за нештата. Тие се мислители. И тоа е нешто што им е заедничко за моите читатели. Кога ќе ги погледнам в очи, гледам дека тие се луѓе кои размислуваат за различни нешта и од друга страна тоа се млади луѓе за кои си велам: „ок, ако ова се луѓето кои во иднина ќе го водат светот, значи нема да биде лошо.“
Пишувате за тинејџери. Од каде ја црпите инспирацијата? Од вашето детство, Вашите пријатели, роднини?
-Кога сте писател се што ќе напишете доаѓа одвнатре, на некој начин, па така кога пишувам за различни ликови, морам да се идентификувам со тој лик, со неговите чувства, постапки…Иако тоа не се мои мисли или мои чувства. Бидејќи се интересирам за младите луѓе и таа возраст кога најмногу се развиваат како личности, читам многу весници, телевизиски серии и се она што ги преокупира малдите луѓе и оттаму црпам инспирација. Не треба да се следи се што тие прават, бидејќи мислам дека има многу работи кои се универзални,тие беа исто кога јас бев тинејџер, и сега се исти. И не мислам дека пишувам за некој кој е помлад од мене, бидејќи јас не сум само 37-годишна писателка, јас сум и 13-годишна девојка, 15-годишна, 8-годишна…Сите тие возрасти во себе и пишувам за сите тие настани кои сеуште ми се важни.
Дали имате Вие омилен писател?
-Не би можела да издвојам само еден автор, бидејќи тоа ќе биде многу тешко. Можам да речам дека постојат неколку автори кои извршија влијание на мене да станам писател. Се сеќавам дека кога бев многу млада читав книги од Астрид Линдгрен, шведска авторка и нејзините книги го предизвикуваа чувството: Ова е тоа што сакам да го работам! Тие беа фантастични и си мислев кога би можела еден ден да пишувам, не како неа, но да бидам барем добра како неа, би било одлично. Исто така би ја споменала финската писателка Уве Јансон. Нејзините книги се преведени на многу јазици и се восхитувам на се што прави во животот, бидејќи таа не е само писател, туку и сликар, таа е политички активна., Мислам дека тие две се мојот избор за омилени автори.
Можеби Вие ќе станете нечиј пример за да стане писател?
-Можеби. Сум се сретнала со млади момчиња и девојчиња кои ми рекле: Јас сакам да бидам како вас. Да пишувам. Се разбира, тоа е прекрасно, но и помалку ме плаши, бидејќи јас сепак сум ја. Јас сум само девојка која сака да пишува.
Дали сакате музика? Каква музика сакате да слушате?
-Да,сакам музика. Понекогаш слушам музика и додека пишувам. Слушам многу различна музика. Додека бев дете најмногу слушав класична музика, таа ми беше омилена. Кога стана тинејџер, го открив фантастичниот поетски бенд, наречен- „Битлси“. Всушност секогаш слушав музика за која никој не би претпоставил. Не очекуваат дека јас би слушала таква музика на извесна возраст. Има неколку бендови кои неодамна ги открив. Еден од нив е „Флоренс енд д’машин“ (Florence and the machine). Тие гостуваа во Финска и бев на нивниот концерт и мислам дека тоа е најубавиот концерт на кој сум присуствувала.Беше фантастично.
Како би им ја опишале Вашата земја, Финска на Македонците кои никогаш не биле таму? Што би ни раскажале за неа?
-Најпрво би рекла дека Финска е земја со многу природни богатства. Има многу природни убавини, но мислам дека ние не ги цениме доволно. Има многу езера, шуми, планини. Летото е кусо, но со многу светлина. Сонцето заоѓа само на неколку часа и ноќите се светли. Финска е многу чиста земја, безбедна. За повеќе луѓе кои живеат таму тоа е добра земја за живот, се разбира има и такви кои не се задоволни. Нема, многу криминал, сиромаштија…Убава земја е.
Кога почнавте да пишувате? Дали од многу мала пишувавте некакви забелешки?
-Почнав да пишувам уште кога имав девет години. Уште тогаш знаев дека ова е тоа што сакам да го правам и оттогаш пишувам. Многу пишував кога бев дете и тоа беше беше одличен почеток за мене да станам писател.
Вашата главна хероина Лумики Андерсон речиси секогаш запаѓа во неволји. Дали Вие бевте палаво девојче?
-Не, не сум била никогаш. Понекогаш луѓето ме прашуваат дали Лумики ме потсетува на мене кога јас сум имала 17 години. Но, не. Таа оди во училиште во кое учев јас, во Тампере. Мислам дека доколку во исто време одевме во училиште, сигурно ќе бевме другарки. Бидејќи таа би мислела дека јас сум премногу дружељубива, имам многу пријатели, насмеана…Јас бев многу обична тинејџерка, не правев проблеми, се дружев со пријатели со кои имавме прекрасни доживувања. Има нешта во кои наликуваме јас и Лумики, но мислам дека тоа не е толку важно. Кога читателот ќе ја чита книгата не сакам да мисли: Оо ова и се случило на Сала, еј, ова го направила Сала…Сакам тие да мислат дека тоа може да им се случува и нив и не сакам да се поставувам меѓу читателот и книгата, сакам да дозволам секој читател на сопствен начин да ја доживее книгата. Тогаш се случува магија.
Според еден од Вашите романи ќе се снима филм во Холивуд. До каде е сето тоа? Ќе го гледаме ли наскоро?
– Всушност мислам дека во моментов го развиваат сценариото за телевизиска серија. Можеби ќе се промени првичната идеја да се снима филм. Мислам дека ќе се работи само на првата книга, не на целата трилогија, но ќе видиме. Процесот сеуште трае. Се надевам дека за неколку години ќе може да го видиме. На „Нетфликс“ или на друго место. Тие работи бараат многу време. Понекогаш траат две години, некогаш пет, а некогаш дури и десет години. Тоа е долг процес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.