Пред многубројна публика, во полна сала на Домот на културата Студентски град во Белград на седми декември годинава се одржа промоција на книгата „Post scriptum“ од авторката Лидија Николиќ. Книгата е продолжение на многу успешната „Osećanja. O. Sećanja“, посветена на Маргита Стефановиќ Маги, членка на култната белградска група Екатарина Велика.
Николиќ е поетеса, писателка, преведувачка и драмски писател. Пишува за деца и возрасни, објавува поезија, радио-драми, сценарија, есеи, а преведува и од англиски и словенечки јазик. Таа е авторка на монографијата за Маги „Osećanja. O. Sećanja“ која доживеа четири изданија. Николиќ, најдобрата другарка на Маги од дестството реши да сподели со јавноста помалку познати детали за животот на Маргита Стефановиќ, рок хероината на едно време. По огромниот успех со првата книга, Николиќ реши да напише еден вид продолжение на „Osećanja. O. Sećanja“, но овој пат книгата се занимава за туѓите чувства и сеќавања за Маги. Во интервју за „Република“ Николиќ објаснува за процесот на работа на пишување на книгата, за дилемите кои ги имала додека ја подготвувала, новите информации до кои дошла работејќи на книгата. Признава дека има материјал и за трета книга, но и тоа дека нема сила и понатаму да се занимава со оваа тема.
На седми декември годинава во Домот на културата Студентски град во Белград се одржа промоцијата на вашата нова книга Post scriptum. Дали случајно го одбравте овој датум? Како помина промоцијата?
НИКОЛИЌ: Седми декември не беше намерно избран. „Случајно“ промоцијата се одржа на денот на светата Великомаченичка Екатaрина. Зафатена со подготовките околу сценографијата за промоцијата, не забележав дека датумот е седми декември. Моите мисли беа насочени на монодрамата која сама ја изведувам на промоцијата. Но, посетителите, кои пристигнуваа, почнаа да ме прашуваат: Дали намерно го избра овој датум? Веројатно, иако намерата не беше моја. Потоа се редеа други изненадувања… Во публиката имаше многу ликови од мојата нова книга. Меѓу нив беше и Мерима Омерагиќ, една девојка која пред шест години допатува од Сараево во Белград само да ја купи „Osećanja. O. Sećanja“, а сега дојде за да присустува на промоцијата. За жал, некои луѓе кои мене ми се многу драги и важни, не успеаја да дојдат, но испратија пораки полни со поддршка, како онаа на Пеца Поповиќ: ’И кога не сум, јас сум покрај вас’.
За разлика од првата книга, Post scriptum не се занимава со личните спомени, туку со туѓите чувства и сеќавања за Маги. Дали тоа значи дека ви беше многу полесно да ја напишете?
НИКОЛИЌ: Тешко е да се каже. И во двата случаи имав голема одговорност. Дилеми… Што од личните спомени смеам да ги објавам во јавност? Што да соопштам од своите сознанија, а што да премолчам? Кои делови од дневниците на Маги да ги одберам? Слични двојби имав и кога ја пишуавав новата книга, бидејќи во неа има многу туѓи писма, пораки, мејлови, текстови, приказни, песни, коментари, фотографии. Многу беше тешко да се одвои она што мене лично ми беше упатено и дали смеам тоа да го поделам и со другите.
Своите спомени за Маги и ЕКВ со вас ги поделиле како познати, така и помалку познати луѓе, оние кои ја сакале нивната музика и Маги. Во книгата има многу коментари и текстови од социјалните мрежи. Како ја направивте селекција? Кој сѐ имаше право да пишува за Маги?
НИКОЛИЌ: Главно на сите им дадов право на глас, како на оние кои изразуваа љубов, благодарност и воодушевување, така и на оние кои беа критички насторени кон Маги, ЕКВ и мене. Но, во книгата ги има и оние кои даваа непроверени и погрешни информации. И најпосле, на сите кои по потреба го менуваа својот став и мислење.
„Post scriptum“ уште ја нарекоа и „книга за книгата“, бидејќи во еден дел говори за реакциите на „Osećanja. O. Sećanja“, за маките на создавање и издавање. Ја нарекоа и „бела книга од наша природа“. Дали се согласувате?
НИКОЛИЌ: Да, многу ми се допаѓа таа забелешка на уредникот. Исто, како што многу ми се допаѓа начинот на кој познатиот словенечки поет, професорот Борис Новак (за кога Маги сакаше да се омажи!) ја искажа суштината и значењето на двете книги. Тој напиша: ’Ти честитам на оваа скапоцена книга за Маги која значитално ја надополнува првата книга. Ако првата книга беше биографија за Маги и твоја автобиографија, во втората книга ти успеа да ја собереш и луцидно да ја коментираш неверојатно богатата рецепција и одзивот на нејзината музика и личност. Двете книги се огледало на една драматична епоха и сигурен сум дека ќе служат како извор на информации за историјата на културата и разбирање на тоа време. Многу ми значи тоа што успеа да ја вметнеш и мојата песна за Маги во тој контекст. Почастен сум. Ти благодарам!’.
Вашата книга се занимава и со судбината на некои други луѓе, некогаш многу значајни за културата и уметноста на овие простори…
НИКОЛИЌ: Во „Post scriptum“ пишувам и за судбината на неколкумина познати луѓе кои веќе не се меѓу нас, а кои беа пријатели на Маги, роднини, соработници… Таткото на Маргита, познатиот режисер Славољуб Стефановиќ Раваси, неговата прва сопруга Мехрибане Шаља, полубратот Синиша Раваси, музичкиот виртуоз Влајко Лалиќ, познатиот архитект Богдан Богдановиќ, славниот музичар Душан Радетиќ, исклучителниот сликар Душан Герзиќ Гера, големата актерка Соња Савиќ, значајниот музичар Митар Суботиќ Суба, поранешниот менаџер на ЕКВ Небојша Гргиќ Грга… Сеќавањата на нив се само еден од начините на кои тие и понатаму живеат.
Книгата „Osećanja. O. Sećanja“ имаше четири изданија и извонреден прием во јавноста, не само во Србија, туку и во регионот. Што всушност ве натера да напишете продолжение на книгата? Дали остана нешто неискажано за Маги како пијанистка, архитект и рок-хероина?
НИКОЛИЌ: Во последните шест години открив низа нови детали од нејзиниот живот и кариера. Некои, за мене мистериозни записи од дневниците на Маги или пак реченици од интервјуа, го добија вистинското значење. На тој начин дознав за нејзиното пријателство и соработка со џез-музичарот Влајко Лалиќ, кој на 29 години го загуби животот во бродолом со сопствената едрилица. Благодарејќи на фотографиите од архивата, открив дека Маги ја посетувала познатата школа за архитектура во Мали Поповиќ, кај својот поранешен професор, големиот градител и градоначалник на Белград Богдан Богдановиќ. Записите од дневниците на Маги упатени кон извесен Гордан, кој за мене беше непознат, се однесувале на нејзината љубов со познатиот фотограф Гордан Шкондриќ Шкондра. До мене допираа и сведочења за помалку познати детали од детството и младоста на таткото на Маги, Славољуб Стефановиќ, како и за неговиот брак со првенката на приштинскиот театар Мехрибане Шаља. Освен тоа, открив дека некои негови роднини се прикажувале лажно, а откриени се вистинските. Негов братучед бил таткото на српската микрохирургија, академикот Милан Стевановиќ, кој живее во Америка. Така открив дека изворното презиме на таткото на Маги било Стевановиќ! Пишувајќи ја книгата открив дека Маги не е пронајдена на улица и примена во болница како непознато лице, туку во Ургентниот центар веднаш ја препознал кардилогот Предраг Митровиќ.
Дали можеби имате идеја за трето продолжение?
НИКОЛИЌ: По десетгодишна работа и илјада страници кои ги напишав за Маги, мислам дека нема да имам сила и понатаму да се занимавам со оваа тема. А има материјал и трет дел! На Саемот на книгата во Белград Љубивоје Ршумовиќ ми подари две свои стари песни посветени на Маги за кои не знаев дека постојат. На промоцијата добив подарок фотографија од Мирослав Предојевиќ, една од серијата фотографии кои тој ги направил, а која мене ми беше непозната. Името Радост, кое Маги сакаше да и го даде на својата ќерка, всушност е име на ќерката Ерос и Психа. За старата народна песна „Пушчи ме“, која Маги планираше да ја сними, дознав дека Мокрањац ја сместил во „Десеттата руковет – Песните од Охрид”.
Во оваа книга, исто како и во Osećanja. O. Sećanja. имате еден дел посветен на Македонија…
НИКОЛИЌ: Маргита во својот дневник пишува дека ’Македонија е земја во која живееле и глумеле нејзините предци’. Конечно ми стана јасно зошто тоа го напишала. Имено, нејзниот татко останал сирак, бидејќи татко му починал една недела по неговото раѓање, а мајка му кога тој имал само 10 години. Неговиот полубрат, актерот Синиша Раваси, кој беше 17 години постар од Славољуб, ја презел одговорноста за него, заедно со сопругата Љубица, исто така позната глумица. Синиша дошол во Македонија кога имал 23 години, и станал член на „Народно позориште“ во Скопје. Синиша и Љубица се грижеа за таткото на Маги, Славољуб, кој на десет години станал сирак, подоцна, во знак на благодарност, на своето презиме го додал и нивното – Раваси. Во албумот на Маги останале зачувани три фотографии на Синиша Раваси од претстава во Скопје кои сега се наоѓаат во мојата книга, а една е со посвета од 1929. За жал, овој чичко на Маги, кој беше првенец на нишкиот и новосадскиот театар и играл главни улоги во нашите филмови по војната, починал во 37 година од животот и паднал во заборав.
Во „Post scriptum“ и неколку Македонци ги делат своите сеќавања за Маги и ЕКВ…
НИКОЛИЌ: Голем број страници во мојата нова книга се посветени на моето гостување во Скопје 2012. година, каде што се родија некои прекрасни пријателства. За мојата приказна од тој незаборавен ден сведочат многу фотографии, интервјуа, текстови, мејлови, пораки, писма кои ми ги испратија Иван Беќковиќ, Светлана Симоновска, Милутин и Младен Станчиќ, Анета Ристеска, Горан Николов… А меѓу нив сте и Вие, во поглавјето чиј наслов го носат имињата на вашите синови.
ЕКВ и Маги имаат голем број обожаватели и кај нас и после толку многу години. Дали планирате промоција во Скопје наскоро?
НИКОЛИЌ: Се надевам дека во следната, 2018. година наскоро ќе се видиме во Македонија и заедно ќе се сеќаваме на Маги.
Александра М. Бундалевска
фото: Горан Чакмазовиќ Чаки
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сала Симука, писателка од Финска: Луѓето кои читаат книги се луѓе кои размислуваат за нештата!
-
Фросина Пармаковска, писателка: Понекогаш треба сами да си ги создадеме шансите
-
Големата израелска писателка Хава Пинтас Коен доаѓа во Скопје
-
Германската писателка Терезија Мора гостува во Скопје и во Тетово