| четврток, 6 декември 2018 |

Беџети ќе го тужи Фазлиу за клевета

Министерот за правда Блерим Беџети за утре најави дека ќе поднесе пријава за клевета и навреда против пратеникот на ДПА, Беким Фазлиу. По завршување на тридневниот ултиматум што министерот му го даде на опозицискиот пратеник за јавно извинување, Беџети решил да го предизвика пратеникот на суд.

– Морално и етички е и политичарите да понесат одговорност за јавно искажаниот збор. Ова е целта поради која најавив тужба. Сакам да ја информирам јавноста дека тужбата е во постапка и утре ќе биде поднесена соодветна пријава пред надлежниот суд. Верувам дека ова ќе служи како позитивен пример за сите нас што се занимаваме со политика и вршиме политички функции да не го злоупотребуваме имунитетот и да се криеме зад него – вели за „Алсат“ министерот Беџети.

Тужбата се однесува за обвинувањата од последната собраниска седница пратенички прашања кога Фазлиу ја праша министерката за внатрешни работи дали министерот Беџети бил фатен со оружје и дрога во полициска акција во ноќниот клуб „Шери“.

Министерот Беџети призна дека бил во локалот во текот на акцијата, но негираше дека кај него е пронајдено нешто нелегално. Пратеникот Фазлиу за „Алсат-М“ рече дека стои на кажаното и дека за пријавата ќе се изјасни по нејзиното официјализирање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top