| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе биде неизвесно до крај: На полувреме Вардар – Кил 13:13

Задачата на Вардар да избори место на Ф4 турнирот дефинитивно нема да биде нималку лесна, откако Кил и во Скопје се покажа како тежок ривал за македонскиот првак. По 30 минути игра на одмор се замина со израмнети 13-13, но на „вардарци“ им преостанува оној еден гол предност од првиот меч во Германија. Двата тима имаа и прокоцкаа „плус три“, влегувајќи во мини-серија, а повеќе за што да жали има Вардар, по двата промашени пенали на Чупи во последните две минути од полувремето.

Почетокот на натпреварот донесе неочекувани проблеми, „вардарци“ се соочија со потешкотии да го совладаат Ландин, кој одбрани и зицери на Шишкарев и на Дибиров, па Кил набрзина поведе со 0-3. Немаше место за паника, Раул Гонзалес не ни помисли на тајмаут, бидејќи беше само прашање на време кога „црвено-црните“ ќе заиграат како што знаат и умеат.

Борозан го постигна првиот гол за Вардар на овој реванш, со тоа давајќи им крилја на соиграчите, па веќе во осмата минута „црвено-црните“ го имаа и првото водство (4-3). Одбраната „пет еден“ на чело со Канелјас функционираше одлично, па „вардарци“ во 13. минута со голот на Чупиќ од пенал поведоа и со три гола разлика (8-5). За разлика од првиот меч овојпат главниот збор го имаа бековите, па на трите гола на Борозан со два се надоврза Криштопанс, за водство од 10-7 по заслужено исклучување на Винчек.

Миха Зарабец беше најрасположен за игра кај Кил, па Словенецот со два брзи гола намали на 10-9, а по двете загубени топки на „црвено-црните“ Кил набрзина израмни со голот од крило на Рахмел. Мини-серијата на гостите ја прекина Борозан со гол од девет метри, по што гостите на голот го ставија Андреас Волф. При водство од 13-11 исклучен беше Абутовиќ, но Штербик повторно блесна бранејќи зицер од крило. Кил намали на 13-12, а потоа судијата ја вратија услугата на спротивната страна, со пенал и исклучување на еден гостински играч.

За жал, Чупиќ не беше прецизен од седум метри, негово прво промашување, па Винчек на спротивната страна погоди за 13-13. Вардар го имаше последниот напад со играч повеќе, Канелјас изнуди пенал, а Чупиќ повторно не беше прецизен, па двата тима заминаа на одмор со израмнет резултат, најава за уште поголеми изненадувања во преостанатите 30 минути.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top