| четврток, 6 декември 2018 |

Металург вечерва ја отвора сезоната на европски настапи со Карабах

Македонскиот фудбалски вицешампион Металург вечерва од 17.45 часот ја отвора сезоната на европски настапи на нашите екипи, а противник во квалификациите за пласман во  Лигата на Европа ќе им биде Карабах од Азербејџан.

Двата тима одлично се познаваат бидејќи еднаш веќе играа меѓусебе, а Карабах беше поуспешен во истото натпреварување со победа дома од 4-1 и реми во Скопје 1-1. Тој двомеч се играше пред 3 сезони на дебито на металурзите на европската сцена. Скопјани посакуваат комплетен реванш и пласман во второто квалификациско коло.

Од тој тим на Металург, само Миле Крстев и Марко Симоновски ќе имаат шанса за реванш, а искусниот поранешен репрезентативец на Македонија, Крстев, вели дека лекцијата е научена и дека овојпат исходот ќе биде поинаков.

– Ние промашувавме на дуелот во Азербејџан, а Карабах стопроцентно погодуваше. Имаа среќа на тој двомеч, но сега верувам дека ќе биде поинаку и дека Металург ќе се пласира во следното коло – вели Крстев.

Реваншот е на 11 јули во Азербејџан, а интересно е што за Карабах игра нашиот интернационалец Муарем Муарем.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top