На матичната сцена на прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ вечерва премиерно ќе биде изведена претставата „Пиреј“ според романот на Петре М. Андреевски во режија на Љупчо Ѓоргиевски.
Познатиот роман на Андреевски на сцената се поставува по 37 години кога беше праизведбата во Битолскиот народен театар веднаш по излегувањетоод печат. Ова е и прв годинашен проект на прилепскиот театар според програмата од Министерството за култура.
За режисерот Љупчо Ѓоргиевски голем е предизвикот што се поставува „Пиреј“ на сцената, особено што е своевидна сага за Македонецот, но најмногу фасцинира судбината на обичниот човек.
– Откако се појави романот „Пиреј“ во 1980 година стана меѓник на модерната литература кај нас, а од друга страна е значаен со проблемот кој го донесе: односот кон нашиот идентитет и народот. Романот обработува многу турболентно време – пред и за време на Балканските војни и за време на Првата светска војна кога на овие простори се измешаа многу војски. Македонецот беше, од една страна, заробен од својата сиромаштија, немаштија, глад, болест, неукост, а од друга страна, од големите апетити на другите држави. Сите околности се прекршија врз обичниот човек. Токму тоа беше повод да се зафатам за оваа тема, зашто и денешните околности многу потсетуваат од пред 100 години. Се уште ги докажуваме идентитетот и државноста. Романот нужно имплицира политички контекст. Но, она што јас го акцентирам во претставата е како сѐ се прекршува врз обичниот човек и што се случува со него – вели режисерот Ѓоргиевски.
Ова е ансамбл-претстава со 28 луѓе на сцената: 18 актери, двајца статисти и 8 деца.
– Денес тешко се прават ансамбл-претстави, продукциски. Бараат материјални услови, актерски потенцијал, многу работа и дисциплина. Мислам дека стигнавме до зрел резултат да ѝ го покажеме на публиката – вели Ѓоргиевски.
Од Прилепскиот театар нагласуваат дека крјно се скромни финансиските средства за една ваква претстава, а да не се говори за условите во театарот. Единсвено, се согласуваат и актерите, љубовта, професионалноста кон театарската уметност се главниот мотив и двигател.
– Овде сме само за уметноста, очигледно не станува збор за финансиска корист. И ако неа ја нема, залудни се зградите и театрите. И ние сме како пиреј- жилави. Всушност, секој народ го мисли тоа за себе. А најбитно е што се третираат човечките судбини и љубовта. Љубовта е најбитна за опстојувањето. Таа и ликовите на Јон и Велика ги одржува за да останат некакво племе, вели актерот Александар Степанулески.
– Режисерот остава да води актерската интуиција и задоволство е да се соработува со него. претставата, како и темата, се проследуваат во еден здив. Се надевам дека претставата долго ќе живее, а љубовта е тука за да не одржува сите, изјави актерката Марија Спиркоска Илијоска.
Во претставата „Пиреј“ се ангажирани и пензионираните актери Димитар Вандески и Трајче Иваноски.
– Темата во „Пиреј“ е актуелна и вечна, за опстојувањето на Македонецот. Посебно е задоволството што режисерот не ангажира и нас, пензионираните актери, вели Иваноски.
Драматизацијата на „Пиреј“ е на режисерот Ѓоргиевски во соработка со Ивананелковска, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите ги направи Андреј Ѓоргиевски, а музиката е на Димитар Андоновски. Актерската екипа брои 28 члена, а главните улоги на Велика и Јон ги толкуваат Марија Спиркоска Илијеска, Александар Степанулески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.