Македонија ќе го претстави својот туристички потенцијал на саем за туризам во Варшава, Полска. Ова е во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) и на саемот кој завршува утре Македонија има свој штанд.
Според директорот на АППТ Јордан Трајков, ова саемско претставување е втор логичен чекор во долгорочниот промотивен план за Полска по минатогодишните средби меѓу македонскте туристички агенции и полските тур оператори во Познањ, Варшава и Краков.
Економскиот промотор за Полска и Унгарија Љупчо Михаиловски потенцира дека Полска е голема земја и е една од ретките во ЕУ која во услови на економска криза имаше растечка економија.
– Полската економија е компатибилна со нашата. Ова е доволен показател за можни позитивни економски односи на повеќе полиња, вклучувајќи го и туризмот. Се радувам што се претставуваме овде и очекувам тоа да донесе значително поголем број на туристи од Полска во Македонија – изјави Михаиловски.
Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот ја претставува Република Македонија на четврти саем за туризам оваа година по успешните презентации во Холандија, Австрија и Финска.
Во програмата на Агенцијата до крајот на 2013 година е предвидено Македонија да се претстави на 17 саеми за туризам низ светот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


