Режисерот и продуцент Јане Алтипармаков и фотографката и мултимедијална уметница Наташа Гелева изработија своевиден фотоесеј од ретроспективната изложба „2001-Вселенска Одисеја“ која од минатиот месец е поставена во Филмскиот музеј во Франкфурт.
Тие присуствуваа на свеченото отворање на изложбата посветена на половина век од премиерното прикажување на култниот филм на Стенли Кјубрик, а беа официјално поканети од Јан Харлан, извршен продуцент на неговите филмови.
Посетителите на јубилејната изложба во Франкфурт до 23 септември имаат можност да погледнат предмети, костими, реквизити од снимањето на епскиот научно-фантастичен филм од 1968 година.
Алтипармаков за МИА изјави дека подготвиле фоторепортажа/фотосторија која ја опфаќа големата ретроспективна изложба и артефактите поврзани со филмот во продукција и режија на Стенли Кјубрик.
Познатиот филмски автор го напишал и сценариото заедно со прославениот писател Артур Кларк, кој врз основа на сценариото подоцна ја објави истоимената литерарна трилогија. Своевремено, филмот доби Оскар за специјални ефекти, а пред неколку години Американскиот филмски институт го прогласи за најдобар научно-фантастичен филм на сите времиња.
– Впечатоците од јубилејната изложба се, едноставно, неверојатно исполнителни. Се работи за филмско остварување кое со уникатниот пристап ја промени филмската историја, филмската граматика и, генерално земено, севкупната филмска естетика. Визуелен еквивалент на велелепните готски катедрали од средновековието, вели Алтипармаков.
Нагласува дека Кјубрик како автор отсекогаш бил и сè уште е исклучително инспиративен за различни генерации филмски автори и филмски работници.
– Од Орсон Велс, кој за Кјубрик има изјавено дека е Титан меѓу филмаџиите, преку неговите фанови од средната генерација – Стивен Спилберг и Џорџ Лукас, до најновата филмска дружина, влијанието на Стенли Кјубрик е речиси сеприсутно. Како што има изјавено независниот филмски автор Гас Ван Сен: Кјубрик е присутен во речиси сите мои филмови. „2001-Вселенска Одисеја“ отсекогаш бил мојот омилен филм, дело кое, ако вистински и целосно го доживеете и разберете, ќе ја разбуди личната светлина. Ултимативното внатрешно патување, истакнува македонскиот режисер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.