Слободата ми е света и таа е секогаш на прво место. Без неа ми се чини дека ниеден сегмент на нашето битисување не би бил возможен без слобода, рече Ана Јовковска, новинарка, колумнистка, тв-водителка на промоцијата на нејзината втора книга „Ехо на слободата“ која се одржа синоќа во „МКЦ Клуб Ресторан“.
Пријатели, роднини, амбасадори, новинари, дел од соговорниците на Јовковска беа на промоцијата на втората книга на Јовковска, која во 2015 година ја издаде „Пулсот и времето“.
– Јас книгата ја напишав, останува вие да и ги дадете крилјата таа да лета слободно од тема на тема. Низ целиот овој процес на создавање на книгата, додека ја пишував, разбрав дека животот не е деновите коишто поминуваат, туку оние денови кои се паметат. Денеска е еден таков ден за мене – рече Јовковска.
„Ехо на слободата“ е компилација на интервјуа со триесет значајни имиња, претежно луѓе од сферата на културата, но и неколку политички аналитичари и дипломати.
Меѓу гостите синоќа беа британскиот амбасадор Чарлс Гарет, министерот за култура Роберт Алаѓозоски, универзитетската професорка Татјана Петрушевска, професорката и академик Катица Ќулафкова, директорката на „Танц фест“ Рисима Рисимкин, актерите Ѓорѓи Јолевски и Ана Костовска, пејачката и активистка Ребека Јанковска, најнаградуваниот макдонски режисер Милчо Манчевски, поетот Дарко Лешоски.
– Не случајно го одбрав насловот „Ехо на слободата“ . Човек кој не е слободен или одработува само за својата живеечка, ден за ден, или одработува за нечија партиска агенда. На крајот на краиштата, недостатокот на слободата во колективен матрикс, резултатот е видлив – од национализам и предрасуди, до војни и конфликти, или ако зборуваме за најинтимните релации, од љубомора до неверство. Важно ми беше слободата да е главната нишка на овие различни теми кои се протегаат од анторпологија, преку културологија, политика, се до најроматичните до најпесимичните длабоки траги и лузни на човековото битисување – додаде Јовковска.
Книгата е издание на Издавачки центар „ТРИ“, поддржана од Министерство за култура на РМ. Илустрацијата на корицата ја направи уметникот Ване Костуранов. Промотори беа професорите Владимир Мартиновски и Ана Мартиноска, а за музичкиот дел беше задолжен Бранислав Николов од „Фолтин“.
-Кај Ана никогаш нема да сретнете тривијално прашање од типот ’Кој е вашиот следен протект’, туку ќе добиете цитат од Кјеркегор во кој вели: Луѓето никогаш не ги користат слободите што ги имаат, туку ги бараат оние што ги немаат. Имаат слобода на мисла, а бараат слобода на говор, за дискретно да ве наведе да размислувате што е за вас слободата. И токму слободата е идејата водилка поради која сме овде вечерва – изјави промоторката Мартиноска.
Ана Јовковска е новинарка, колумнистка, ТВ-водителка, продуцентка, лицe за односи со јавноста и промоција, активистка и хуманистка.
– За жал, четири години не може да ја гледаме емисијата „Пулс“ која постави хималајски стандарди за телевизиското интервјуво македонскиот културен простор, проект кој е базата на оваа книга. Книгата која вечерва ја претставуваме е едно природно надоврзување на „Пулсот и времето“. „Ехо на слободата“ е книга која е плод на безрезервните заложби на Јовковска, ретка посветеност, беспрекорен професионализам и драгоцена дарба за суштински дијалог кој секогаш, без исклучок, води кон наслушнување, не само на емотивниот, мисловниот и духовниот плус на соговорникот, туку и на предизвиците на нашето време – рече професорот Мартиновски на промоцијата.
Според Мартиновски, во време во кое многу работи се искривоколчени, излезени од шините Ана Јовковска ни нуди една точна, прецизна и вистинска книга.
– Можеби најмногу треба да му се заблагодарам на чудото од живот кој некако ги нареди сите коцки да се случи ова книжевно дело. Наместо да родиш дете ти книга ќе издаваш, ми рече мајка ми пред три години кога одлучив да го промовирам моето прво книжевно дело „Пулсот и времето“. Еве мамо, сега ги имаш и двете чеда. Едното дома спие, а другото од утре ќе спие по книжарниците – се пошегува на крајот од промоцијата Јовковска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.