| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на новата книга на Ана Јовковска „Ехо на слободата“

Во МКЦ Клуб-ресторан вечерва, 12 април, четврток во 20 часот ќе се одржи промоција на новата, втора книга на Ана Јовковска „Ехо на слободата“.

Илустрацијата на корицата ја направи уметникот Ване Костуранов. Промотори се проф. Владимир Мартиновски и проф. Ана Мартиноска, а музичкиот дел е на Бранислав Николов од „Фолтин“.

Ехото доаѓа длабоко однатре и како ефектот на пеперутката стигнува до другиот крај на светот, каде некој непознат човек, читајќи ги твоите зборови, ќе се препознае во нив. На пеперутката ѝ требаат крилјата за да го постигне ефектот на преносливост, но зар човекот ги нема? Крилјата на човекот се неговите мисли и зборови. Можеш да ги рашириш до каде што сака твоето срце и до каде што ти дозволува твојата храброст. На крајот сè се сведува на тоа: Умееш ли да сонуваш за подобар свет? Умееш ли да леташ високо над произаичното и медиокритетско секојдневие? Умееш ли да веруваш во луѓето? Умееш ли да го отвориш умот за да ги видиш нивните добри страни? Умееш ли да бидеш активен слушател за да го чуеш ехото на слободата?

Гласовите на моите соговорници, во оваа книга сите заедно потпишани под зборот ЧОВЕК, се ехо на слободата на едно време. Во обидот да ги спојам рационалното и емотивното, научното и интуитивното, актуелното и безвременското, ја создадов оваа збирка на културолошки дијалози кои танцуваат на тенкото јаже на слободата.
Слободата е МОЖАМ. Слободата е ЖЕЛБА. Слободата е ЉУБОВ.

Ана Јовковска е новинарка, колумнистка, ТВ-водителка, продуцентка, лицe за односи со јавноста и промоција, активистка и хуманистка. Авторка е на книгата „Пулсот и времето“ (2015).

Ужива да пишува поезија и да вози велосипед не само како рекреативно туку и како еколошко превозно средство. Им помага на луѓето и животните како начин да го оправда своето постоење.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top