| четврток, 6 декември 2018 |

Кардиохируршките операции на бебиња од Детска хирургија се селат во „Жан Митрев“

Според Филипче со новиот модел за детска кардиохирургија се брише јасната граница меѓу приватното и јавното здравство за да се обезбедат подобри услови за лекување на бебињата, подобри услови за работа на лекарите и заштеда од 250.000 евра, кои сега Министерството за здравство ги плаќа на странските лекари, кои заедно работат со тимот на Детска хирургија

Дел од тимот за детска кардиохирургија, кој го предводи детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски ќе премине да работи кај Жан Митрев, а дел ќе остане на Клиниката за детска хирургија, при што за кардиохируршките операции во приватната болница ќе биде ангажиран во рамки на дополнителна работа.

Годишно на Клиниката за детска хирургија се прават околу 50 операции на бебиња до една година. Според министерот за здравство Филипче и според директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев, истата сума на пари ќе се плаќа на приватната болница на д-р Жан Митрев, односно нема да има дополнителни трошоци за севкупниот третман на децата. Тимот за детска кардиохирургија почна со работа пред шест години, и нивната обука почна со лекари од САД предводени од д-р Вилијам Новик, а последните години со нив работат кардиохирурзи од Србија.

Д-р Владимир Чадиковски

Фондот во изминатите години за операции на деца на Клиниката за кардиохирургија плаќаше околу милион евра годишно. За истата сума по цени на дијагностичко сродни групи ќе плаќаме за овие деца за целокупниот третман. Според досегашниот договор со болницата на д-р Жан Митрев Фондот плаќаше за 10 кардиохируршки интервенции кај повозрасни деца. За лекување во странство годишно плаќаме за дваесетина деца, кажа Дончев.

Според Филипче со новиот модел за детска кардиохирургија се брише јасната граница меѓу приватното и јавното здравство за да се обезбедат подобри услови за лекување на бебињата, подобри услови за работа на лекарите и заштеда од 250.000 евра, кои сега Министерството за здравство ги плаќа на странските лекари, кои заедно работат со тимот на Детска хирургија.

– Сега условите во кои се одвиваат овие кардиохируршки операции се мачни и за лекарите и за дечињата. Дијагностиката се прави во приватни болници, лекувањето на Клиниката за детски болести, а операцијата и интензивната нега на Детска хирургија. И тимот е уморен ваква организација на работите, а тоа сега на клиниките не може да го обезбедиме додека се изгради новиот Клинички центар. Условите за работа ги има во приватната болница, каде има и експертиза. Ова е еден начин да ги задржиме нашите лекари овде, бидејќи секој сака да напредува – рече Филипче.

За конзилијарно мислење дали некое дете може или не може да се оперира во земјава по заминување на Чадиковски од Клиниката за детска хирургија, според Филипче ќе се направи еден тим од лекари и од приватните и од државните болници, кои ќе го разгледуваат секој случај поединечно и ќе даваат мислење.

Децата кои се праќаат на операции во Бугарија според Чадиковски главно се деца кои и претходно биле оперирани во странство и потребна им е втора или трета интервенција.

– Во контакт сме со колегите од Бугарија за децата кои се кај нив оперирани и што ги водат и подготвени се ако има потреба да дојдат и да им помогнат на нашите лекари – рече Филипче.

Новиот модел на функционирање на детската кардиохирургија треба да почне од следната година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top