| четврток, 6 декември 2018 |

Ана Јовковска: Крилјата на човекот се неговите мисли и зборови

Најновата книга на Ана Јовковска, соодветно именувана „Ехо на слободата“, е природно надоврзување. Таа е уште еден плод на нејзините безрезервни заложби, ретка посветеност, беспрекорен професионализам и драгоцена дарба за суштински дијалог, кој секогаш, без исклучок, води кон наслушнување не само на емотивниот, мисловниот и духовниот „пулс“ на соговорникот, туку и на невралгичните премрежја на нашево време, пишува во освртот кон книгата „Ехо на слободата“ Владимир Мартиновски

„Ехото доаѓа длабоко однатре и како ефектот на пеперутката стигнува до другиот крај на светот, каде некој непознат човек, читајќи ги твоите зборови, ќе се препознае во нив. На пеперутката ѝ требаат крилјата за да го постигне фектот на преносливост, но зар човекот ги нема? Крилјата на човекот се неговите мисли и зборови. Можеш да ги рашириш до каде што сака твоето срце и до каде што ти дозволува твојата храброст. На крајот сè се сведува на тоа: Умееш ли да сонуваш за подобар свет? Умееш ли да леташ високо над произаичното и медиокритетско секојдневје? Умееш ли да веруваш во луѓето? Умееш ли да го отвориш умот за да ги видиш нивните добри страни? Умееш ли да бидеш активен слушател за да го чуеш ехото на слободата? вели Ана Јовковска, новинарка, колумнистка, ТВ-водителка, продуцентка, лицe за односи со јавноста и промоција, активистка и хуманистка која е авторка на книгата „Ехо на слободата“ која ќе биде промовирана в четврток, 12 април, во 20 часот во МКЦ Клуб Ресторан.

„Гласовите на моите соговорници, во оваа книга сите заедно потпишани под зборот ЧОВЕК, се ехо на слободата на едно време. Во обидот да ги спојам рационалното и емотивното, научното и интуитивното, актуелното и безвременското, ја создадов оваа збирка на културолошки дијалози кои танцуваат на тенкото јаже на слободата.
Слободата е МОЖАМ. Слободата е ЖЕЛБА. Слободата е ЉУБОВ, вели Јовковска.

Умееш ли да леташ високо над произаичното и медиокритетско секојдневје?, вели Ана Јовковска

Книгата е издание на Издавачки центар „ТРИ“, поддржана од Министерство за култура на РМ.

Илустрацијата на корицата ја направи уметникот Ване Костуранов. Промотори се проф. Владимир Мартиновски и проф. Ана Мартиноска, а музичкиот дел е на Бранислав Николов од „Фолтин“.

„Деценискиот извонреден телевизиски проект Пулс на Ана Јовковска, кој постави хималајски стандарди во македонското телевизиско интервју, пред неколку години, на општо задоволство, почна да се преточува и во книжевен облик, со првата книга „Пулсот и времето“ (2015). Сосема оправдано, книгата на Јовковска доживеа еруптивен успех: беше промовирана во речиси сите македонски градови и стигна до огромен број читатели, кои добија можност да се соочат со прекрасните дијалози во една кондензирана, прегледна и длабоко осмислена форма.

Најновата книга на Ана Јовковска, соодветно именувана „Ехо на слободата“, е природно надоврзување. Таа е уште еден плод на нејзините безрезервни заложби, ретка посветеност, беспрекорен професионализам и драгоцена дарба за суштински дијалог, кој секогаш, без исклучок, води кон наслушнување не само на емотивниот, мисловниот и духовниот „пулс“ на соговорникот, туку и на невралгичните премрежја на нашево време, пишува во освртот кон книгата „Ехо на слободата“ Владимир Мартиновски.

 

Ана Јовковска е новинарка, колумнистка, ТВ-водителка, продуцентка, лицe за односи со јавноста и промоција, активистка и хуманистка.

Нејзините почетоци како ТВ-лице се од 1994 година и низ повеќе од дваесет години (20) континуирана работа во различни медиуми направила над 1.000 интервјуа, анализирајќи ги социо-културните феномени на денешнината. Авторка е на дебатната емисија „Пулс“ којашто се емитуваше од 2007 година во најгледаните (prime-time) термини на телевизија, за што неколкупати е наградувана за најдобар ТВ-проект во Македонија.

Гласовите на моите соговорници, во оваа книга сите заедно потпишани под зборот ЧОВЕК, се ехо на слободата на едно време, вели Јовковска

Како дипломирана новинарка и магистрантка по комуникации, учествува во разни истражувања од областа на комуникологијата, културните студии, медиумското образование и креативните индустрии.

Иницира и развива концепт-проекти од општествена одговорност. Активистка, амбасадорка на добра волја и модераторка е на разни конференции и кампањи за човекови права, слобода на говор, родова еднаквост, социјална инклузија, здрава животна средина, права на животни и друго. Организира и поддржува хуманитарни настани. Во 2013 година со група од десет ентузијасти/ки го отвораат првиот Автономен културно-социјален центар во Скопје – АКСЦ, како слободна зона за независна уметност. Била членка и претседателка на жири-комисии на неколку филмски фестивали.
Авторка е на книгата Пулсот и времето (2015).

Ужива да пишува поезија и да вози велосипед, не само како рекреативно, туку и како еколошко превозно средство. Им помага на луѓето и животните како начин да го оправда своето постоење.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top