Во рамките на „Културните приказни“ на делегација на Европската унија и на Инфо-центарот на ЕУ во Скопје, почна да се одвива „Про-книжи го умот“, платформа за креативен дијалог низ култни европски автори и дела. Првата дебата беше во чест на авторот Ерих Фром и неговото култно дело „Да се има или да се биде“. Темата беше „Антиконсумеримот во ера на продавање брендови и души“, а учесници во панел-дискусијата беа писателот Гоце Смилевски и писателот и професор Владимир Мартиновски. Авторка на концептот и модераторка на трибините е Ана Јовковска.
– Никогаш нема да престанам да верувам дека низ културна репрезентација, дијалог и едукација може да се постигнат резултати во креирање слободно, отворено и креативно општество – вели Јовковска во интервју за „Република“.
Во април во Скопје го почнувате проектот „Про-книжи го умот“, платформа за креативен дијалог на кој преку трибини и дебати ќе се одбележат неколку јубилеи и годишници во 2016 година. Може ли да ни кажете како е замислен, кој ќе учествува на трибините?
ЈОВКОВСКА: Некои проекти ми се навистина мевлем за душа. Овој е еден од нив. Идејата ја добив од годишнинците во 2016 година на култни книжевни и филозофски дела и ја развив во еден креативен спој на европски автори што извршиле огромно влијание на светската културна историја како Ерих Фром, Валтер Бенјамин, Орвел, Хаксли, Фуко, Лакан и живи дебати на теми што произлегуваат од нивните ракописи, но и од локалниот социо-културен контекст. Главни протагонисти, покрај овие легенди, ќе бидат наши еминентни писатели, уметници, професори, режисери. Проектот е дел од „Културните приказни“ на делегацијата на Европската унија и претставува серија од дебати што ќе се случуваат во април и во мај во Скопје во Инфо-центарот на ЕУ, но и на различни локации во повеќе градови низ земјава како Битола, Тетово, Велес… Покрај формалниот, дебатен дел, оваа платформа за креативен дијалог го вклучува и моментот на социјализација и на интеркултурна размена, преку одредени специфики на европските култури и традиции како типична музика, храна и пијалаци за одредена земја според потеклото на авторот во фокусот. Значи, креативното дружење е неизбежно.
На кои теми ќе се разговара на дебатите? Најавени беа темите за „Антиконсумеризмот во ера на продавање брендови и души“ и „Технологијата и уметност – револуција или хуманизација“?
ЈОВКОВСКА: Следнaта трибина е на тема „Технологија и уметност – револуција или хуманизација“, а во чест на извонредниот Валтер Бенјамин, во Битола, во Центарот за култура на 12 април, вторник, во 20 часот. Говорници ќе бидат познатиот филозоф и естетичар, професорот Иван Џепаровски и културниот работник и истражувач Билјана Тануровска – Ќулавковски. Во текот на април и на мај ќе следуваат и дебати на темите: „Медиумски спектакл и новиот јазик на пропагандата“, „Да се има или да се биде“, „Социјална правда и психологија на езгил“, „Сексуална либерализација, маскулиност и стереотипи во борбата за родова рамноправност“ и други.
Можат ли вакви трибини и дебати да го подигнат на повисок степен културното милје во ова потрошувачко општеството во кое сѐ помалку има пари за консумирање култура?
ЈОВКОВСКА: Ваквите проекти за мене се морална обврска или мисионерска работа. Некаков спој меѓу креативното новинарство, културолошките студии, едукацијата или желбата за споделување знаења и постојано учење, етиката и активизмот. Преку трибините од платформата „Про-книжи го умот“ ќе се обидеме да ја вратиме културата на дебата меѓу граѓаните и да ги поттикнеме локалните заедници на активно учество во теми и прашања што го облагородуваат локалниот културен контекст и нивниот живот, пред сѐ. Никогаш нема да престанам да верувам дека низ културна репрезентација, дијалог и едукација може да се постигнат резултати во креирање слободно, отворено и креативно општество. На луѓето не им се потребни само турски серии, реални емисии и дегардирачки забавни содржини, кои им прават само моментен привид на среќа и на смеа. Радоста е патот на потрагата по смислата. Таа понекогаш се крие и во оревовата лушпа, не блеска од светлечкиот ТВ-екран.
На 8 и на 11 април на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и на Факултетот за драмски уметности ќе се организираат студентски дебати во рамки на проектот „Шекспир живее“, во рамки на одбележување на годишнината на книжевниот гениј Вилијам Шекспир и 400 години од неговата смрт, во организација на Британскиот совет и на Британската амбасада во Скопје. За што ќе се разговара?
ЈОВКОВСКА: На студентските трибини ќе се разговара на многу теми што се директна инспирација од Шекспировите драми и поеми, а во исто време се значајни прашања и проблеми на денешнината. Моќ и власт, дискриминација, родов идентитет, верска толеранција, морал, комуникација и популарна култура…. Вилјам Шекспир, најдобриот британски поет и драматург, ќе биде актуализиран низ неколку тематски целини: „Метаморфозите на Шекспир“ на проф. Рајна Кошка – Хот, „Шекспир и интеркултурната комуникација“ на проф. Антоанела Петковска и „Бескраен простор на оревовата лушпа“ на писателот Гоце Смилевски. Трибините се од отворен карактер, почнуваат во 12 часот и се добродојдени сите љубители на Шекспировиот творечки опус.
Пред 10 месеци ја издаде книгата „Пулсот и времето“. Ќе имаш дружба со читателите на претстојниот Саем на книгата. Освен во Скопје, книгата доживеа промоција и во повеќе од десет града низ Македонија. Каков е одѕивот, дали „Пулсот и времето“ уште буди заинтересираност кај читателите?
ЈОВКОВСКА: Да, и пресреќна сум поради големиот интерес за книгата. Нема поголема сатисфакција за авторот од тоа неговото дело добро да комуницира со читателите. Голема обврска и напор ми беше да организирам и да направам преку десет промоции во различни градови низ земјава, но и вистинско задоволство. Ретко кои наши автори го практикуваат тоа затоа што знаеме дека, обично, промоциите се случуваат само во Скопје и, евентуално, во уште едно до две други места, но сметам дека ваквиот потег е во прилог на децентрализацијата на културата за која се залагаме. Кај нас културата е, главно, на маргините и на промоциите ги правев без ниту еден спонзор и иако ми недостигаше финансиска помош, сепак успеавме да покажеме дека кога се сака сѐ се може. Низ 10 градови во Македонија донесов преку 20 различни промотори и еминентни учесници во панел-дискусија на кои сум им бескрајно благодарна што ми помогнаа во мојот сон книгата да допре до сите вистински читатели, а не само до скопјани. Сите промоции беа многу посетени и со различен концепт. На крајот на краиштата, луѓето што сакаат да ја читаат мојата книга и кои 20 години ме гледале во моите емисии на телевизија, заслужуваат да ме запознаат во живо и да поразговараме на многу заеднички теми. Како медиумско лице, никогаш не сум држела елитистичка дистанца со публиката, па не ми паѓа на памет тоа да го правам ниту во книжевните води. Една таква отворена дружба ќе биде и моето учество на „Саемот на книга“ на 16 април, сабота, во 18.00 часот, во организација на издавачката куќа „Матица македонска“. Се надевам ќе се видиме на „Саем на книга“, а верувам и претходно на некои од моите трибини „Про-книжи го умот“ или, пак, на студентските дебати „Шекспир живее“ на кои очекувам да имаме интерактивна публика. Кога работата ви е љубов, секоја обврска е задоволство.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!