На 2 април (понеделник) 2018 година во 18 часот во салонот „Ко-Ра“ во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје ќе се отвори изложбата на цртежи „Небото над Идила“ од Зорица Георгиевска. Изложбата е резултат
на реализација на проектот „И старите можат!!!“ на Центарот за култура и културолошки студии за поддршка на социјалната инклузија на старите лица сместени во домовите.
Како една од најзапоставените општествени групи, старите и изнемоштени лица се чувствуваат некорисни и отфрлени. За надминување на вакавата состојба, Центарот за култура и културолошки студии организира
креативни работилници со цел да се врати чувството на достоинствен живот на старите лица, да се смени сликата за старите како товар на општеството и семејствата, да се воспостават позитивни практики на
социјална инклузија на старите лица сместени во домовите за згрижување на стари лица и да се покаже дека и тие се способни за креативни активности кои се општествено корисни.
Сложената и често негативна општествена изградба на перцепцијата на старост е многу распространета појава. Факт е дека сменетата демографија, односно стареење на населението, го прави овој проект
актуелен. Сѐ повеќе добива на гласност тезата дека високата застапеност на еиџеизмот- негативната претстава за староста, има сложени општествени корени и широки последици. Таа негативна претстава
се одвива и на структурно и на индивидуално ниво и е присутна во многу различни контексти кои се културно условени (на пример: на работното место, здравството, уметничките претстави, медиумите и сл.). Староста често пати се поистоветува со смртта, па луѓето имаат желба да се оградат од какво било потсетување на фактот дека сите се смртни. Сето тоа има ефект на потиснување на самочувството на старите лица, односно придонесува за негативна перцепција на самите стари луѓе за себе.
Ваквите сознанија бараат интервенции кои би придонеле за ефикасни анти-дискриминирачки практики врз основа на староста, а изложбата на цртежи „Небото над Идила“ сметаме дека тоа го покажува на најубав
можен начин.
Зорица Георгиевска (1937) е дипломирана правничка, пензионирана артистка и режисерка во РТС. Авторка е и режисерка на наградувани радио драми, на две книги: кратката лирска проза „Од другата страна“ и
„Две сценарија за филм“. На 80 годишна возраст почнува и ликовно да се изразува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.