Два сосема различни меча го очекуваат ракометниот свет денеска во арената Сан Жорди во Барселона каде со полуфиналето 23 СП влегува во најатрактивниот дел. Во првиот домаќинот Шпанија е огромен фаворит против Словенија за која сите упатени се подговени да тврдат дека во сензациите ќе мора да запре пред “црвената фурија” и вториот меѓу Данска и Хрватска кој е синоним за најквалитетното што постои во играта во моментов.
Шпанците ги добиле сите 4 меѓусебни одмерувања во последнта декада (сите се на ЕП и се меѓу 3 и 6 разлика), но Словенците имаат 6 чисти победи досега на натпреварите во Сарагоса и Барселона и тоа со елитни селекции како Полска, Србија, Белорусија и Русија. Домаќинот доживеа еден пораз во групата во Мадрид од Хрватска, а и со Германија во четвртфиналето со пресврт и обилна судиска помош ја елиминира Германија. Обложувалниците ги фаворизираат Шпанците до тој степен што Словенците имаат статус на аутсајдери (коефициенти: 1.15 – 14 – 8).
Тој сооднос е многу поизедначен за дуелот од вечерната програма во Барселона. Хрватска на хартија е во предност (коефицинети: 1.8-12-2.5) во однос на Данска и тоа се должи најмногу на извонредното издание на “коцкестите” во натпреварот од средата кога го елиминираа светскиот првак Франција, но треба да се знае дека Данците го добија мечот на предходното СП во Шведска (34-29) кога завршија на второто место, а Хрватска остана без медал. Што се однесува до подиумите, Хрватите ги гледаа од пониско вечерашните противници и минатиот јануари на ЕП кога тие беа трети, а Данска дојде до првата европска титула. Секако кон ова мора да се додаде и нивниот последен меѓусебен натпревар на ОИ во Лондон во кој Хрватска славеше премногу убедливо со 32-21.
Денеска во полуфиналето во Барселона:
Словенија – Шпанија (19.15)
Данска – Хрватска (21.30)
В сабота (19.00) е борбата за третото место.
В недела (17.15) е финалето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


