Задоволен сум што Судот денеска го прифати моето барање за јавно изведување на доказите, односно јавноста да биде присутна во судската сала кога ќе биде пуштена видео снимката што е доказ во судската постапка на предметот „Поткуп“, изјави премиерот Зоран Заев денеска пред Кривичниот суд по завршувањето на рочиштето.
Заев посочи дека видео снимката влијаела многу на неговата чест, углед и на приватност.
– Почнаа суштините на постапките во случајот „Поткуп“ што се води против мене. Денеска сум задоволен што Судот го прифати барањето на мојата одбрана, но и моето да се направи јавно изведување на доказите, односно видео снимката која влијаеше многу на мојата чест, углед и на приватноста да биде јавно презентирана од причина што се гледа дека на двапати е пресечена токму во во моментите каде впечатокот е целосно различен од тоа што е прикажано во јавноста, рече Заев.
Тој нагласи дека му е значајно како премиер и претседател на најголемата политичка партија во Македонија снимката да биде транспрентно до крај и јавно презентирана за да можат граѓаните да имаат свој сопствен впечаток за тоа што се случувало и што всушност се разговарало.
Заев во „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од околу 160.000 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев за легализација на градежно земјиште.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.